• недела, 22 декември 2024

Георгиевски: Подобрување на безбедноста и противпожарна станица во Илинден

Георгиевски: Подобрување на безбедноста и противпожарна станица во Илинден
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Безбедноста на живеењето на жителите на Општина Илинден и безбедноста на нивните добра и имоти е еден од врвните приоритети во програмата на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ за Општина Илинден, Александар Георгиевски. Тој информира дека ќе се залага за зголемување на безбедноста во сообраќајот, преку изградба на нови безбедни сообраќајни решенија, поставување на посовремена сообраќајна сигнализација за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, зголемување на безбедноста за велосипедистите и пешаците преку изградба на нови, безбедни пешачки и велосипедски патеки, како и пешачки надвозници на повеќе локации. Со реализација на проектот „Илинден - Светла општина“, како што рече, ќе се прошири и модернизира уличното осветлување. Георгиевски изјави дека најважен проект од областа на безбедноста во изборната програма е тој за отворање Противпожарна станица во Илинден. -Досега за сите пожари на територијата на Општината интервенираат возила од Противпожарната станица во Автокоманда. Со цел подобрување на ефикасноста на Противпожарната бригада, пред се во насока на побрза можност за интервенирање при пожари, предвидено е отворање нова станица во централното подрачје на општината. Противпожарната станица ќе содржи целосна опрема за заштита и гаснење на подрачјето на општината и пошироко. Ќе има едно комплетно одделение, со целосна опрема за гаснење на пожар, рече Георгиевски. мд/дма/

Остани поврзан