Генералната секретарка на Собранието во ПОВ: Интегритетот и транспарентноста основа на довербата на граѓаните во институциите
- Делегација на Собранието на Република Северна Македонија учествува на Партнерството за отворена власт (ПОВ) Самитот и на Меѓународниот ден на Отворен парламент 2025, што се одржува во Виторија-Гастеиз, во организација на Баскискиот парламент, Конгресот на пратеници на Шпанија, Мрежата за отворени парламенти (OPeN) и ПОВ.
Скопје, 7 октомври 2025 (МИА) - Делегација на Собранието на Република Северна Македонија учествува на Партнерството за отворена власт (ПОВ) Самитот и на Меѓународниот ден на Отворен парламент 2025, што се одржува во Виторија-Гастеиз, во организација на Баскискиот парламент, Конгресот на пратеници на Шпанија, Мрежата за отворени парламенти (OPeN) и ПОВ.
Како што информира собраниската прес-служба, настанот ги обединува претставниците на парламентите и граѓанското општество од различни земји со цел размена на искуства и најдобри практики за транспарентност, граѓанско учество и интегритет во законодавната власт.
Во рамки на Панелот за Етика, интегритет и парламентарна одговорност, свое излагање имала и генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Марина Димовска. Нејзиното изглагање се фокусирало на клучните предизвици во воспоставувањето и спроведувањето на етичките стандарди во парламентите, на механизмите за спречување судир на интереси, како и на потребата од независни етички тела и редовна едукација на пратениците.

Во собраниското соопштение се посочува дека Северна Македонија е приоритетна земја во рамките на Партнерството за отворена власт (OGP), карактеризирана како отворена држава, бидејќи сите три гранки на власта – извршната, законодавната и судската – имаат свои акциски планови за отвореност. Собранието во моментов го спроведува третиот Акциски план за Отворен парламент (2024 – 2026), со кој се унапредуваат транспарентноста, учеството на граѓаните и дигиталната трансформација во парламентарната работа.
Особено било потенцирано дека напредок во областа на транспарентноста и јавната комуникација претставува и Собранискиот телевизиски канал, кој е значаен инструмент за обезбедување јавен увид во законодавниот процес и промовирање отвореност кон граѓаните.
Со учеството на овој настан, генералната секретарка Марина Димовска уште еднаш ја истакнала важноста на интегритетот и транспарентноста, коишто се основа на довербата на граѓаните во институциите - затоа, како што се наведува во соопштението, Собранието континуирано работи на унапредување на етичките стандарди, отчетноста и културата на одговорно однесување. фф/са/
Фото: Собрание