• четврток, 30 јануари 2025

Гаши: Потребни ни се длабоки промени во правосудството

Гаши: Потребни ни се длабоки промени во правосудството

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на брифинг нагласи дека се бараат законски можности во консултација со експерти и институции да се направат законски измени и реформа во правосудството кое што, како рече, ќе биде квалитетно.

- Прво да констатираме дека темата е покомплексна и сакаме долгорочно да биде решен проблемот. Во консултации со повеќе експерти и институции и сакаме да дојдеме до решение кое ќе биде одржливо и ќе биде долгорочно решение. Не сакам да дадам мое мислење во моментов, но сакам да ги испочитуваме сите институции, да дојдеме до заедничко мислење, па потоа да пристапиме со заеднички став да го решиме проблемот, рече тој. 

На новинарско прашање дали се потребни промени во Судскиот совет, Гаши нагласи дека веќе на сите им е јасно дека ни се потребни длабоки реформи во правосудството.

-Мислам дека тоа е веќе јасно. На сите граѓани им е јасно дека ни се потребни длабоки реформи во правосудството. Само треба да внимаваме тие да бидат содржајни и реформи кои одат кон подобро, затоа што неколку пати сме пробале избрзувајќи не сме донеле решенија кои се одржливи и подолгорочни. Затоа, овојпат сакаме да внимаваме и пристапот е поинаков, рече Гаши.

Собранието кон крајот на минатата година изгласа негативен извештај за работата на Судскиот совет, а се отворија сите  прашања кои се однесуваат на разрешување на членови од оваа регулаторно тело кои се избрани од Собранието. Се работи за разрешување на пет од девет члена на Судскиот совет. Бидејќи не постои можност Собранието веднаш да ги разреши членовите на Судскиот совет, се бараат можности за законски измени во правосудството.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан