• недела, 22 декември 2024

Гардијан: Израелскиот воен кабинет го разгледува „парискиот“ нацрт-договор за прекин на огнот

Гардијан: Израелскиот воен кабинет го разгледува „парискиот“ нацрт-договор за прекин на огнот

Ерусалим, 31 јануари 2024 (МИА) - Членовите на израелскиот воен кабинет разговараа за нацрт-договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Појасот Газа, иако нацртот се уште не е ставен на гласање во кабинетот.

Предлог договорот во неделата го подготвија претставници на Египет, Катар, САД и Израел на преговорите во Париз, но членовите на палестинската милитантна група Хамас, која држи заложници во Појасот Газа, не учествуваа на средбата.

Лондонски „Гардијан“ наведува дека главна пречка за постигнување договор е времетраењето на прекинот на огнот, бидејќи Израел инсистира прекинот на огнот да биде само привремен, додека членовите на Хамас претходно бараа траен прекин на огнот.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека наводите за големи израелски отстапки во потенцијалниот договор се неточни.

„Позицијата на премиерот е конзистентна - војната ќе заврши само кога ќе се постигнат сите цели, израелската армија нема да се повлече од Појасот Газа, а нема да бидат ослободени ниту илјадници терористи“, се наведува во соопштението.

Претходно лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјави дека палестинската организација го добила предлогот за прекин на огнот што беше поднесен по разговорите во Париз и потврди дека го проучува, како и дека ќе го посети Каиро за дополнителни разговори за предложениот план, пренесоа британските медиуми. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан