• среда, 25 декември 2024

Гала вечер во „Милениум“, премиера на францускиот филм „Ноќта на 12-ти“

Гала вечер во „Милениум“, премиера на францускиот филм „Ноќта на 12-ти“

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Во кино „Милениум“ вечерва се одржува гала премиера на францускиот филм „Ноќта на 12-ти“. Настанот го организираат Амбасадата на Франција во Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Младинскиот културен центар. 

Филмот, добитник на шест награди „Цезар“ 2023, е во режија на Доминик Мол, а главните улоги ги толкуваат Бастиен Бујон, Були Ланерс и Тео Шолби. 

Филмската гала вечер ја отвориja министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

-Нема да должам зашто сакам да го погледнеме она што секој ден не оптоварува сите нас во општеството, а тоа е притисокот на насилството врз жените, како тоа се одразува врз нас, врз младите, врз сите генерации и што е она што можеме да го преземеме за да ја подобриме состојбата. Верувам дека секоја жена во оваа просторија се соочила со некаква форма на насилство, вербално или физичко, и тоа е нешто што не обременува и нас и сите генерации, но мора да покажеме дека знаеме како да се справиме со овие предизвици, потенцира Арсовска.

Министерот Пенов рече дека му е посебно задоволство што присуствува на премиерата.

-Имаме посебна привилегија да уживаме во едно од најзначајните остварувања на француската кинематографија денес. Ние скопјани имаме посебно задоволство да уживаме во најдобрите остварувања на француската кинематографија за што огромна благодарност изразуваме на Француската амбасада, Францускиот институт, МКЦ и Градот Скопје. Огромното присуство тука говори дека франкофонијата, Франција и францускиот јазик живеат меѓу нас. Франција е почитуван и значаен партнер на нашиот пат кон ЕУ. Се надевам дека и со ваквите манифестации го отвораме патот кон таа наша заедничка цел, истакна Пенов.

Француската амбасада годинава организира четири гала филмски премиери во Скопје. Како што напомена амбасадорот Бомгартнер, целта е публиката подобро да се запознае со најновата француска филмска продукција.

-Воопшто не е случајно што оваа втора проекција се случува неколку дена по завршувањето на Канскиот фестивал. Филмот беше презентиран таму во 2022 година, во официјалната селекција. Овој филм беше и во конкуренција за наградите „Цезар“ при што доби шест вакви признанија. Идејата на филмските проекции што ги организираме, е да споделиме заеднички момент на задоволство. Изборот на филмовите кои ги прикажуваме го правиме аналитички, за да опфатиме проблематики со кои се соочуваат нашите општества. Во декември го прикажавме филмот „Изгубени илузии“, обработка на делото на Балзак со современ пристап во чиј фокус е фабрикувањето на дезинформациите, во март беше проекцијата на „Со полно работно време“ која зборува за непостојаноста на работните односи посебно за жените, а вечерашниот филм се однесува на една социјална тема за која Арсовска имаше силна референца во своето обраќање, нагласи амбасадорот.

Пред присутните беше прикажана и видео порака од режисерот Мол.

„Проекцијата на филмот на Канскиот филмски фестивал 2022 ќе остане дата за памтење“, „Повеќе од трогателен, филмот е моќен и вознемирувачки“, „Филм на годината“, „Прецизно напишан, филмот е напнат трилер за горчливите прашања поврзани со насилствата врз жените“ - се само дел од критиките што ги напишаа француските медиуми за „Ноќта на 12-ти“. мч/цр/

фото: МИА

 

 

 

 

Тагови

Остани поврзан