• недела, 22 декември 2024

Вучиќ со Столтенберг: Поднесов писмена документација за прогони и напади врз Срби

Вучиќ со Столтенберг: Поднесов писмена документација за прогони и напади врз Срби

Белград, 19, јули 2023 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на средбата во Брисел со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, побарал НАТО да ја преземе контролата и да обезбеди пристоен живот за Србите на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Се плашам дека не сме на патот кој би ни гарантирал сигурност и безбедност, но верувам дека ова наше барање или барање до НАТО ќе вроди со плод или со нивно поголемо внимание. Сигурен сум дека не сакаат Србите да бидат протерани од нивните вековни огништа, изјави Вучиќ вечерва во Брисел.

Претседателот на Србија рече дека за време на разговорите во Брисел имало многу конкретни пораки и дека зборувал за суштината на разговорите, а имало и многу детали и прашања за кои разговарал.

-Изјавата на Курти не е само проблематична во делот во кој тој го најавува новиот прогон на Србите, туку има многу поголем правен проблем, а тоа е дека според резолуцијата 1244 на ОН, ОВК или нешто слично на неа не може да постои на Косово, а Курти самиот вели дека косовската полиција е наследник на ОВК и тоа не може да постои, рече Вучиќ.

Тој оцени дека Србија има потреба од соработка со КФОР и со НАТО.

-Имаше помали премини околу административната линија на различни начини, постапивме многу професионално, од тоа тие се задоволни во претходните денови, посочи српскиот претседател.

Говорејќи за вооружувањето на косовските сили, Вучиќ кажа дека Србија презема мерки за заштита на своите граѓани.

Во однос на извештајот што специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, го претстави пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот, Вучиќ нагласи дека извештајот е многу подобар од пред два месеци.

-Кога можевте да слушнете подобар извештај во американскиот конгрес за прашањето за Косово и Метохија, кога точно од 1995 година? Па, никогаш, се разбира. Кога можевте да слушнете за овие години дека Србија не е единствениот виновник, истакна Вучиќ.об/

Фото: принтскрин

Остани поврзан