• среда, 25 декември 2024

Вучиќ: По изјавата на Путин, Србија е под притисок на Запад да го признае Косово

Вучиќ: По изјавата на Путин, Србија е под притисок на Запад да го признае Косово
Белград, 6 мај 2022 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста изјави дека Србија во иднина ќе оди посилно на европскиот пат, дека е под голем притисок откако рускиот претседател Владимир Путин направи паралела меѓу Косово и Доњецк и Луганск и дека од Белград ќе се бара да ја признае независноста на Косово за Москва да не може да го искористи случајот како аргумент за своите постапки во Украина. Тој исто така порача дека нема да ги гаси пријателствата на Исток, колку и да има притисоци, јави дописникот на МИА од Белград. - Мојата порака е дека Србија денеска е на европскиот пат, дека засилено ќе одиме по тој пат и ќе се бориме за местото на Србија во семејството на европските народи, нагласи претседателот на Србија. Вучиќ потсети и дека претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се повикал на пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека одлуката на Косово да прогласи независност од Србија не е спротивна на меѓународното право и го искористи тоа како аргумент дека Доњецк и Луганск имале право да прогласат независност од Украина. - Ќе се соочиме со најтешки притисоци да кажеме дека Косово не е ништо слично на она што се случува во Украина, рече Вучиќ, додавајќи дека Запад очекува од Србија да ја признае независноста на Косово. Затоа, како што рече, „Косово ќе биде најдоминантна тема за нас во наредниот период“. - И, веднаш да ви кажам - сите европски лидери ми кажаа дека Путин инсистирал на случајот со Косово во нивните меѓусебни разговори, изјави Вучиќ. Претседателот на Србија оцени дека не очекува Русија да го признае Косово, но оти очекува Србија да биде под голем притисок да го стори тоа за Путин да не може да го искористи случајот како аргумент за руските потези во Украина. - Целиот Запад, за да му го ускрати тој аргумент на Путин, ќе побара од Србија брзо да се придвижи кон признавање на независноста на Косово за да му кажат на Путин дека тоа не е ист случај, изјави Вучиќ. Како што рече, „има мал број земји кои велат дека сакаат нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а голем број од нив се за взаемно признавање, не само САД туку и повеќето други“. Тој додаде дека дијалогот меѓу Белград и Приштина не постои, а обидот за дијалог во Берлин бил само обид. Вучиќ посебно го посочи влезот во меѓународните институции и организации на Косово, бидејќи Приштина ја информирала меѓународната јавност дека сака да биде членка на Советот на Европа, а Германија ги поддржала. - Нашиот одговор ќе биде дециден и силен... Ќе ги покажеме забите многу поостро отколку што мислеа, истакна Вучиќ. об/паг/

Остани поврзан