• петок, 22 ноември 2024

Вучиќ: Планот за Косово е прифатен од цела ЕУ, ако не соработуваме, евроинтеграциите ќе бидат прекинати и инвестициите ќе се повлечат

Вучиќ: Планот за Косово е прифатен од цела ЕУ, ако не соработуваме, евроинтеграциите ќе бидат прекинати и инвестициите ќе се повлечат

Белград, 23 јануари 2023 (МИА) - Планот за Косово веќе не е само француско-германски план, туку многу повеќе од тоа, порача српскиот претседател Александар Вучиќ во вечерашното обраќање до јавноста.

Тој посочи дека на состанокот со „големата петорка“ му било кажано дека Србија мора да го прифати планот, а во спротивно ќе се соочи со прекин на евроинтеграцискиот процес, запирање и повлекување на инвестициите и сеопфатни мерки во економската и политичка смисла. Тој вели и дека ќе има голема борба за Заедницата на српските општини, како и дека е загрижен бидејќи нема порационален пристап за решавање на проблемот.

-Дојде „западната петорка“, и во втората реченица што ми беше соопштена е речено – треба да го прифатите овој (француско-германски) план, а ако не го прифатите, ќе се соочите со последиците“, истакна Вучиќ.

-Ќе се соочите, под еден, со прекин на евроинтеграцискиот процес, под два ќе се соочите со стопирање и повлекување на инвестициите, под три – сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе и наштетат на Србија. Ова ми беше повторено уште три пати во текот на разговорот и секој пат жестоко реагирав на тоа, изјави Вучиќ.

Тој рече и дека смета дека замрзнатиот конфликт е најлошото решение и оти треба да се бара компромис.

-Важно е да се работи на компромисно решение, но не верувам дека тоа е можно со режимот на (косовскиот премиер Албин) Курти, а мора да бараме решение бидејќи ни треба мир со Албанците, вели претседателот на Србија.

Тој наведува дека „петорката“ дошла со план „кој првпат го видовме пред 60 дена“, во чија изработка ниту учествувавме, ниту, како што рече, „некој не прашал или консултирал“.

-Дојдоа да ни го претстават нивниот план, без никаква вина на Србија, никому ништо не направивме, ниту еден Албанец не беше застрелан, ништо не направивме, дојдоа и ни го покажаа планот, а потоа на 13 декември, сите земји-членки го прифатија планот, како и петте земји -непризнавачи на Косово, бидејќи им објаснија дека во планот нема експлицитно признавање на независноста на Косово, иако го прикриваа фактот дека постои имплицитна обврска да не се спротивставуваме на влезот на Косово во ОН. Сите тие го прифатија, со што тој план стана де факто нова преговарачка рамка за Србија. За нас нема напредок ако не работиме, ниту во Европа, ниту пак е можно нешто да се направи ако не соработуваме, додаде тој.

Тој нагласува дека во времето на Курти имало 288 инциденти, од кои 10 тешки само годинава.

-Тие бараат конфликт бидејќи сакаат НАТО да влезе во судир со Србија, а тој да ја избегне обврската да формира ЗСО. Секојдневно посочуваме дека на Србите не им е дозволено да гласаат, дека луѓе се апсени, дека е пукано во српски деца, но не можеме да го смениме фактот дека сите странци беа повеќе вознемирени затоа што Рада Трајковиќ седеше два часа на клупата, отколку за ранетите српски деца. Мораме да разбереме дека тие ја осудија Србија и поради барикадите, не сакаа да слушнат зошто Србите го направија тоа, ние сме виновни за нив затоа што барикадите предизвикаа нестабилност, а не апсењето и малтретирањето на Србите“, посочи Вучиќ.

Тој најави дека ќе ги покани сите претставници на пратеничките групи на разговори во следните неколку дена за да ги информира што се случува и да им даде повеќе информации за тоа како напредувале преговорите за Косово.

-Во следните 5-6 дена ќе започнеме дискусија со пратеничките групи, ако сакаат и во Собранието, но прво сакам да ги информирам што се случува, рече претседателот на Србија. Тој изјави дека ќе ги информира што стои зад тоа и кои се нивните намери и дека вечерва кажал се што можел.

Претседателот на Србија рече дека на седницата на Владата биле договорени тактички потези кој што ќе преземе.

-Во секој случај, ќе ги заштитиме граѓаните на Србија – ако изборот е да има санкции на едната страна, а нема полоши санкции од повлекување на инвестициите, или од друга страна, веднаш да прифатиме сè, што значи Косово во ОН, јас сум за патот на компромисот, колку што може повеќе да се избориме. Веќе не се зборува за меѓусебно признавање, што значи дека сепак нешто постигнавме, не се вели дека ние мора да гласаме „за“, па можеме да гласаме против, но дека мораме да го прифатиме нивното членство. Исто така не се зборува за наше одобрување за влез на Косово во ОН, но ние де факто би го прифатиле нивното членство, односно би им помогнале на другите да го изгласаат, појасни Вучиќ.

Тој рече дека знае што ќе одлучи, но дека за тоа што е важно за државата ќе одлучуваат државните органи и нејзините граѓани, а не тој лично. ссм/

Остани поврзан