Вучиќ: Нема да има ископ на литиум без целосна заштита на човечките животи и животната средина
- Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека без целосна заштита на човечкиот живот и природата нема да има ископ на литиум во Западна Србија, во околината на Лозница.
Белград, 19 јули 2024 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека без целосна заштита на човечкиот живот и природата нема да има ископ на литиум во Западна Србија, во околината на Лозница.
На Самитот за стратешки суровини во Белград, тој рече дека знае оти проектот за ископ на литиум, кој треба да го спроведе компанијата Рио Тинто, нема да биде поддржан од пошироката јавност во Србија, но оти добил гаранции од ЕУ дека проектот „Јадар“ ќе биде спроведен по највисоки стандарди.
На Самитот учествуваат германскиот канцелар Олаф Шолц, потпретседателот на Европската комисија и европски комесар за меѓуинституционални односи и стратешко предвидување Марош Шефчовиќ, членови на Владата на Србија, претставници на Европската банка за обнова и развој, Германската банка за развој КФВ, италијанската Банка за развој, производителот на автомобили Мерцедес-Бенц.
Вучиќ истакна дека канцеларот Шолц ја ветил поддршката на Германија дека Србија ќе има поголем вредносен синџир на производство на литиум, „што ќе донесе милијарди инвестиции и неверојатна промена за целата земја, а најголема за западна Србија“.
Тој додаде дека ископувањето литиум претставува голема надеж за Србија и дека Србија нема да ја пропушти оваа шанса.
„Кај нас постои неподнослива леснотија на пропуштање добри можности и овојпат не смееме да го дозволиме тоа. Многу е потешко да ги промениме работите, самите себе, државата, да прифатиме предизвици и да носиме храбри одлуки“, рече Вучиќ. паг/
Фото: ЕПА