• недела, 22 декември 2024

Вучиќ на СБ на ОН: Ги повикувам СБ и меѓународните организации да влијаат на решавањето на кризата и повторно воспоставување на дијалог

Вучиќ на СБ на ОН: Ги повикувам СБ и меѓународните организации да влијаат на решавањето на кризата и повторно воспоставување на дијалог

Белград, 8 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва на вонредната седница на СБ на ОН свикана по барање на Србија за ситуацијата на Косово, апелираше до Советот за безбедност и меѓународните организации, кои можат да влијаат на решавањето на кризата, да преземат итни и решителни мерки со цел нормализирање на ситуацијата на Косово, спречување на понатамошен прогон на Србите и создавање услови за повторно воспоставување на смислен дијалог на Белград и Приштина во согласност со повелбата на ОН и резолуциите на СБ, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ рече дека Приштина намерно создала неподносливи услови за животот на Србите, како и дека вршат широки и систематски напади врз српското цивилно население.

- Таквата ситуација, во отсуство на соодветна реакција, може да предизвика непоправлива штета за опстанокот на српскиот народ на Косово, рече Вучиќ.

Тој посочи дека одлуката на Централната банка на Косово е директна причина поради која е побарана седницата.

- Со одлуката да се забрани плаќањето на динарот, Приштина директно го спречува функционирањето на сите социјални, здравствени, образовни, културни и други институции кои им овозможуваат на Србите да си ги обезбедат себеси и на своите семејства основните животни потреби, да се школуваат, да се лекуваат, да купуваат лекови и да прават се она што денес се смета за нормален живот со минимум човечко достоинство, рече Вучиќ и додаде да тие институции претставуваат основа за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО).

Претседателот на Србија нагласи дека решението на кризата, како и на сите други кризи кои Приштина ги произведе во изминатиот период, може да биде само јасен налог веднаш да се запрат сите споменати мерки кои намерно создаваат неподносливи услови за живот и за прогон на Србите, како и решително обесхрабрување на Приштина во иднина да посегне по какви било еднострани потези кон српскиот народ на Косово.

- Србија од своја страна ќе ги спроведе сите договори и ќе ги преземе сите неопходни мерки во согласност со Повелбата на Обединетите нации и релевантните резолуции на Советот за безбедност, кажа Вучиќ.

Истовремено, тој го повика Советот за безбедност да не го изгуби од вид фактот дека Србија испратила барање до КФОР, согласно резолуцијата 1244 и воено-техничкиот договор од Куманово, да се овозможи враќање на договорен број српски безбедносен персонал, кој ќе им помогне на меѓународните сили во заштитата на српското население.

- Иако тоа е меѓународно правен документ и јасно наметнува обврска на командантот на КФОР да овозможи такво враќање, тоа не се случи, рече Вучиќ. об/јт/

Фото: СБ на ОН скриншот

Остани поврзан