Вучиќ и Брнабиќ со американскиот емисар за Балканот, Касаноф на разговори за клучни прашања, за Косово и енергетиката
- Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф денес во Белград имаше разговори со претседателот Александар Вучиќ и првиот собраниски спикер Ана Брнабиќ за клучни прашања, за сложената ситуација на Косово, за енергетиката и за имплементацијата на препораките на ОДИХР за унапредување на изборниот процес, јави дописникот на МИА од Белград.
Белград, 9 октомври 2024 (МИА) - Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф денес во Белград имаше разговори со претседателот Александар Вучиќ и првиот собраниски спикер Ана Брнабиќ за клучни прашања, за сложената ситуација на Косово, за енергетиката и за имплементацијата на препораките на ОДИХР за унапредување на изборниот процес, јави дописникот на МИА од Белград.
-Разговаравме за клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и ЕУ интеграциите на Западен Балкан, како и за регионалните и глобалните предизвици кои влијаат на стабилноста на целиот регион, изјави Вучиќ на својот Инстаграм налог.
Тој додаде дека на средбата е разговарано за подобрување на соработката во различни области, како што се „енергетиката и важноста на дијалогот меѓу двете земји, а особено на отворената размена за прашања за кои не се согласуваме“.
-Зборувајќи за состојбите во регионот, првенствено ја истакнав исклучително тешката и сложена ситуација на Косово и Метохија и укажав на речиси невозможните услови во кои живее српскиот народ на КиМ. Нагласив дека за конструктивен дијалог се потребни две страни и дека Србија останува посветена на дијалогот и мирното решавање на проблемите, и покрај непотребната еднострана ескалација на тензиите, изјави Вучиќ.
На средбата на претседателката на собранието, Ана Брнабиќ со Касаноф, разговарано е за потпишаниот Договор за стратешка соработка во областа на енергетиката и за можноста за воспоставување Стратешки дијалог меѓу Србија и САД, се наведува во соопштението од српското собрание.
-Посебно внимание беше посветено на спроведувањето на препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со цел подобрување на изборните процеси и зајакнување на демократијата во Србија. Брнабиќ истакна дека целосно ја разбира важноста од континуирана работа и блиска соработка со ОДИХР за да се постигне заедничката цел, а тоа е уште подобар, потранспарентен и поефикасен изборен процес во Република Србија, соопштија од Собранието.
Брнабиќ порача дека членството на Србија во Европската Унија останува стратешка определба и една од најважните надворешно-политички цели на Србија. об/
Фото: Вучиќ Инстаграм