• понеделник, 23 декември 2024

Втор циклус од програмата „Суперучилишта“ за соработка на училишта од Западен Балкан

Втор циклус од програмата „Суперучилишта“ за соработка на училишта од Западен Балкан

Скопје, 26 јануари 2023 (МИА) – Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) денеска  го отвори вториот циклус од програмата  „Суперучилишта“ за училишна размена во Западен Балкан, чија цел е да го поддржи процесот на градење мир и помирување и интеркултурно учење и дијалог меѓу училиштата односно учениците од шесте земји во овој регион.

Програмата е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за размена на училишта во Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и Министерството за економска соработка и развој на Германија и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со RYCO.

Владимир Ѓорѓевски, раководител на локалната канцеларија на RYCO во Северна Македонија, на официјалниот почеток на вториот циклус од програмата „Суперучилишта“, рече дека ќе бидат вклучени над сто училишта од Западен Балкан.

-Првиот циклус беше многу успешен и го поплочи патот за соработка на училиштата од регионот на Западен Балкан и тоа нѐ мотивираше да го зголемиме односно речиси да го удвоиме бројот на училишта што се вклучени во вториот циклус, рече Ѓорѓевски.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи дека Програмата за суперучилишта на RYCO е слична и ја надополнува образовната ЕУ-програма Еразмус+ зашто овозможува вмрежување на врсниците од Западен Балкан  да работат заедно на градење заедничка иднина, да им се зголемат можностите и да се создаде перспектива која ќе ги задржи во овој регион.

-Драго ни е што првиот циклус успешно заврши во 2022 и што ќе го поддржиме вториот циклус што одговара на европската година на вештини. Тука е фокусот на младите луѓе коишто тукушто влегуваат на пазарот на трудот и им требаат нови вештини. Со задоволство ја поддржуваме RYCO која од основањето во 2016-та промовира дијалог, помирување  и соработка и им помага на младите луѓе да се слушне нивниот глас и да имаат важна улога во обликување на општествата, рече Гир.

Заменик-амбасадорот на Германија Ото Граф во поздравното обраќање истакна дека има мноштво теми за кои може да се разговара и дека Германија го поддржува проектот на RYCO затоа што, рече, „гледаме голем потенцијал во Западниот Балкан“.

-Еден од клучните елементи е Програмата за суперучилишта. Минатата година учествуваа 60 училишта, оваа година веќе имаме сто училишта. Ова е огромен успех со кој се гордеам. Сега е важно ова да продолжи и да осигуриме дека младите ќе имаат можности што е можно повеќе да разговараат меѓу себе за она што го научиле, треба да најдат заеднички јазик да работат заедно, а RYCO и оваа програма е основа за подобра дискусија на младите, а потоа и за подобри односи во целиот регион,  рече Граф.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) финансиски ја поддржува канцеларијата на RYCO и е вклучена во соработка со Управниот одбор на RYCO, рече директорот на АМС Наумче Мојсовски, според кого оваа програма овозможува подобро запознавање на младите од соседните земји, нивна поголема соработка и мобилност.

-Веруваме дека и оваа година ќе можеме да се пофалиме со многу локални регионални активности кои ќе создадат повеќе можности за вклучување и соработка на младите од нашата држава и целиот регион. Нашата Агенција продолжува да соработува со институциите за млади во регионот и споделуваме позитивни искуства за младинското учество и соработка, истакна Мојсовски додавајќи дека програмата „Супеучилишта“ на  RYCO  е поврзана со целите на Владата за „Едно општество за сите“.

На настанот, на кој присуствуваа професори и наставници од училиштата кои се грантирани во овој циклус, советникот во Министерството за образование и наука Ѓонул Бајрактар рече дека проектот е значаен за остварување на, како што рече, „нашата заедничка визија за обединување на регионот што ќе доведе до забрзан раст, развој и интегрирање во европското семејство“.

-Добро е што расте бројот на учесниците во проектот. Тоа значи дека е интересен за оние за кои е наменет, но истовремено и ефикасен и ефективен. Младите треба да го сфатат како амбасадорска мисија и да го искористат да се презентираат себеси, своето училиште и културата на својот народ, но и да се конектираат и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови на регионот, додаде Бајрактар. хс/aa/

Остани поврзан