• недела, 22 декември 2024

Втор меѓународен фестивал на подводен филм во Струга

Втор меѓународен фестивал на подводен филм во Струга

Струга, 7 септември 2023 (МИА) - Со филмот „Ние“ (We) на канадската продуцентка и инструкторка во нуркање Жули Уиме, утре во кампот „Скаут“ во Струга ќе почне второто издание на Меѓународниот фестивал на подводен филм во организација на подводни ентузијасти, вљубеници во нуркањето и подводниот свет.

Филмот, како што појасни МИА Јасмина Антиќ, директор на „Скаут меѓународен фестивал на подводен филм“ е краток приказ на нуркачите, работите кои ги сакаат, истражуваат и во кои уживаат - природата, подводниот свет, истражувањата и често, екстремните работи.

И останатите филмови, додаде, ќе опфатат тематика за флората и фауната во подводниот свет, спелео нуркање (подводни пештери), планинско нуркање (планински езера), подводни археолошки наоѓалишта, истражувачки нуркања (потонати бродови, авиони и сл.)

- Ќе бидат прикажани филмови кои се однесуваат на зачувување на подводниот свет и подигнување на еколошката свест кај луѓето за зачувување на водите, истакна Антиќ.

Во двата фестивалски денови, според неа, ќе бидат прикажани филмови изработени од аматери и професионални сниматели на подводниот свет од земјава и странство, а целта е во иднина да добие и натпреварувачки карактер, како и поголемиот дел од светските фестивали од таков тип.

- Со Скаут меѓународниот фестивал на подводен филм ја славиме уметноста на подводното снимање и прикажувањето на сета убавина која ја кријат водите. Како нуркачи ја имаме честа да го „живееме“ овој свет, да ја доживуваме сета негова убавина, а преку филмовите кои ги изработуваме, сакаме овој свет да го доближиме до пошироката публика, изјави Антиќ.

Преку организацијата на овој фестивал, нагласи, сакаат подводните убавини кои ги имаме во Македонија да ги претстават на меѓународната заедница и да привлечат што повеќе гости, кои ќе сакаат да ја истражуваат уникатноста на нашите езера, реки и подводни пештери.

Во рамките на програмата превидено е и подводно чистење на Охридското Езеро во потегот на струшките села.

Учесниците на Фестивалот покрај официјалниот дел ќе имаат можност за нуркање, веслање и други возбудливи авантури, многу дружење и забава во доцните часови. сс/цр

Фото: постер

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан