• четврток, 21 ноември 2024

Втор ден исклучена струјата во тетовската гимназија, настава не се одржува

Втор ден исклучена струјата во тетовската гимназија, настава не се одржува

Тетово, 21 декември 2023 (МИА) - Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово втор ден е без снабдување со електричната енергија, по што нема затоплување во просториите и не се одржува настава.

Според информациите на родителите на учениците, уште вчера е прекинато снабдувањето со електрична енергија, а со проблемот се соочуваат и во централниот објект, како и во објектот познат под името „Стара медицина.

- Нема струја, а со тоа нема и греење во училиштата. Уште вчера е во прекин електричната енергија, па децата порано се вратија дома. Денес во првата смена заминаа на настава, но повторно се вратија дома затоа што немаат услови за следење настава, информираат родители на ученици во тетовската гимназија.

Директорката Теута Лала денеска информираше дека снабдувањето со електрична енергија е исклучено од електродистрибутивната компанија поради неплатен долг. Од јули 2023 година гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ е под ингеренции на Министерството за образование и наука.

- Електричната енергија не е платена затоа што гимназијата има долгови па средствата кои ни доаѓаат од Министерството за образование ги земаат извршители. Првите седум месеци од оваа година нашите средства според мои сознанија останувале во општината и затоа имаме долгови. Барав директно од Министерството за образование и наука да најде решение за проблемот, информираше директорката Теута Лала.

Од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово информираат дека немаат надлежности да зборуваат за гимназијата поради одземените ингеренции.

Во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ настава следат 1300 ученици. ас/цр

фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан