• понеделник, 23 декември 2024

Второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов

Второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов

Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Од печат штотуку излезе второто изменето и дополнето издание на книгата „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио - Радио Скопје, Свето Стаменов, чие прво издание беше објавено во 2020 година.

Како што соопшти авторот, ова второ изменето и дополнето издание е посветено на 95-годишнината од смртта на, според многумина, најзначајниот Македонец на XX век - Крсте Петков Мисирков. Тој се смета за основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација и основоположник и активен учесник во македонските научно - литературни и национално - политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија и раководител на Тајниот македонско - одрински кружок – ТМОК.

Крсте Петков Мисирков -  филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално - политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар” и на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“. Оваа книга, како што се наведува во соопштението, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик. Но, и книга која претставува „Македонска национална програма“, која е актуелна и денес, речиси 120 години по нејзиното објавување.

Едноставно, како што истакна во своето интервју покојниот академик Блаже Ристовски, кој целиот свој работен век го посвети на животот и делото на Крсте Петков Мисирков, „да се зборува за Крсте Петков Мисирков денес значи да се зборува за најзначајната линост во новата национална и културна историја на Македонија. Тој е претставник на македонската интелигенција од крајот на XIX и почетокот на XX век и на Движењето, новото движење, како што го именува самиот тој, што претпоставуваше македонска нација, македонски јазик, македонска црква и македонска национална држава“.

Книгата содржи 20 радио – интервјуа (разговори) со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков. Поделена е на три дела: интервјуа посветени на 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, резлизирани во периодот од 26 јули 2016 до 21 февруари 2017 година; интервјуа посветени на 115-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, реализирани во периодот од 15 октомври до 19 ноември 2018 година и интервјуа посветени на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 28 мај до 16 септември 2021 гдина.

Во рамките на редовната попладневна програма „Актуелно“ и авторскиот проект „Quo vadis”, свои видувања за одделни аспекти од животниот пат и од творештвото на Крсте Петков Мисирков изложија: проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Снежана Веновска - Антевска, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, академик Блаже Ристовски, д-р Славчо Ковилоски, проф. д-р Марија Коробар – Белчева, проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Лидија Тантуровска и доц. д-р Ана Витанова – Рингачева.   

- И ова второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов несомнено може да се смета за јасен и недвосмилен македонски одговор на најновата антимакедонска кампања што во последниве две – три години континуирано ја спроведуваат бугарските официјални власти и некои бугарски академски кругови со која се негираат посебноста на македонската нација, нејзиниот национален идентитет, нејзината историја и, особено, македонскиот стандарден јазик, смета авторот на делото, Свето Стаменов. мд/

Остани поврзан