Втора форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево
- Општина Делчево за утре ја закажа Втората форумска сесија за креирање на Буџетот за 2026 година. Настанот ќе започне во 13:00 часот во мултифункционалниот центар при Спомен-дом АСНОМ, каде што учесниците ќе ги разгледаат и оценат предлог-проектите подготвени од работните групи.
Делчево, 19 ноември 2025 година (МИА) - Општина Делчево за утре ја закажа Втората форумска сесија за креирање на Буџетот за 2026 година. Настанот ќе започне во 13:00 часот во мултифункционалниот центар при Спомен-дом АСНОМ, каде што учесниците ќе ги разгледаат и оценат предлог-проектите подготвени од работните групи.
На втората сесија ќе се спроведе и гласање за определување на приоритетите кои ќе бидат вклучени во предлог-буџетот за следната година.
-Општина Делчево ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници од локалните сектори активно да се вклучат во процесот, со цел буџетските одлуки да ги одразуваат реалните потреби на заедницата, се вели во најавата од Општината.
Втората форумска сесија следува по успешно реализираната прва, на која граѓаните, институциите, месните заедници и организациите имаа можност директно да ги изнесат своите ставови и предлози за приоритетни проекти.
-На првата сесија беа формирани работни групи и се дефинираа тематски области во кои треба да се планираат инвестиции во 2026 година. Учесниците преку дискусија и заедничка анализа ги утврдија најрелевантните развојни насоки за Делчево, поставувајќи ја основата за понатамошна разработка на проектите што ќе се разгледуваат на утрешниот форум, додадоа од Општина Делчево.
Општината истакнува дека овој пристап овозможува поголема транспарентност и партнерство со јавноста и придонесува кон создавање буџет што ја следи реалната насока на локалниот развој. вс/вј/
Фото: Општина Делчево