• понеделник, 14 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Втора награда на меѓународниот фестивал "Морски бисер" за учениците од угостителската струка од Крива Паланка

Втора награда на меѓународниот фестивал

Крива Паланка, 6 април 2025 (МИА) - Ученици од угостителската струка од средното општинско училиште "Ѓорче Петров" Крива Паланка освоија втора награда на дваесеттото, јубилејно издание на престижниот кулинарски фестивал на храна и вино, "Морски бисер", што од први до петти април се одржа во Општина Супетар, Хрватска, на островот Брач.

Тимот од Крива Паланка беше предводен од менторот, професор Дане Петровски, a наградата им беше доделена во категорија за подготовки на традиционални јадења на модерен начин.

-Задоволство и голема одговорност е да се биде претставник на македонската делегација, да се биде дел од врвни мајстори на кулинарството од над триесет држави, учеснички на овогодишниот фестивал. До толку повеќе, гордоста е голема во таа силна конкуренција, каде над петстотини учесници од угостителски школи, шефови на кујни, слаткари, освоивме второ место или сребрен медал по оценката на жири-комисијата, за нашите специјалитети , почнувајќи од предјадење, главно јадење и десерт. Подготвивме топло предјадење-топено сирење на модерен начин, главно јадење: пилешко месо во сос од кикирики со свеж зеленчук, а десерт беше познатото трилече. Оваа награда е потврда на потенцијалот што нашите ученици го поседуваат и квалитетната настава и обука, пракса со која се стекнуваат во нашето училиште, за да можат да се носат рамо до рамо со врсниците од разни држави, како и да бидат дел од настан и директно да учат од врвни мајстори, готвачи и искусни кулинари од регионот, рече професорот Петровски.

Интернационалниот фестивал „Морски бисер“ е познат фестивал на Медитеранот и во Европа, што секоја година на островот Брач ​​ собира врвни професионалци, готвачи и кулинарски експерти од целиот свет. Настанот го организира Здружението на готвачи од медитеранските и европските региони ШКМЕР со цел да ги обедини готвачите, келнерите, менторите, професорите по стручно образование и студентите кои се впуштаат во кулинарски кариери, претставувајќи ги на едно место своите знаења, вештини, компетенции, искуство, ентузијазам, страст и почит кон колегите, културата, традицијата и гастрономијата. ид/сст/


Фото: СОУ Ѓорче Петров Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан