• понеделник, 23 декември 2024

Врховен ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од осомничените за убиството на Вања и Панче

Врховен ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од осомничените за убиството на Вања и Панче

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Врховниот суд денеска ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Видевски, во жалбата изјавена преку неговиот адвокат Бојан Манев, барал притворот да му биде заменет со домашен притвор.

-Врховниот суд на Република Северна Македонија, ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 29.05.2024 година по повод жалбата од обвинетиот Б.В. во предметот познат во јавноста како „Убиството на Вања Ѓорчевска“, изјавена преку неговиот бранител Бојан Манев, против решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ- 417/24 од 30.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе решение ВКЖ1-23/24 од 29.05.2024 година, со кое жалбата е одбиена како неоснована и обжаленото решение во целост е потврдено, соопшти Врховниот суд.

Видевски , како што објави телевизијата Телма, денеска негирал вина дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

-Обвинетиот во исказ пред Јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје и по направениот увид во Јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење, изјавил за Телма бранителот на Видевски, Бојан Манев по денешната јавна седница во Врховниот суд.

Видевски барал да му се определи куќен притвор со образложение дека не може да бега од државата затоа што нема пасош, а не може ниту да влијае на сведоци, ниту да попречува истрага, ниту, пак, да го повтори кривичното дело.

Боре Видевски е еден од петтемина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело. Првоосомничен за убиството на Вања и Панче е Љупчо Палевски-Палчо, кој на 15 мај беше екстадиран во земјава од Турција. дма/ев/

 

Фото:МИА архива

Остани поврзан