• понеделник, 18 ноември 2024

Вработените во „Комунална хигиена“ се вратија на работа, се собира сметот во Скопје

Вработените во „Комунална хигиена“ се вратија на работа, се собира сметот во Скопје

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) - Вработените во „Комунална хигиена“ Скопје се вратија на работа, откако деновиве главниот град беше полн со смет поради нивниот протест за повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа. Од вчера на терен излезе втората смена од вработените во претпријатието, а од Синдикатот во кој спаѓаат и вработените во „Комунална хигиена“ (СУТКОЗ) се на ставот дека одлуката за враќање на работа е во интерес на граѓаните, додека правата ќе продолжат да ги бараат институционално.

-Одлуката e во интерес на граѓаните и со оглед на најавите за високите температури, вработените во „Комунална хигиена“ ќе почнат со работа. Не треба поради нечија одговорност граѓаните да трпат, изјави вчера претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) Стојанче Кашиковски.

Директорката на комуналното претпријатие на главниот град Косана Мазнева вчера на прес-конференција потврди дека работата на „Комунална хигиена“ Скопје е вратена во нормала, сметот редовно се чисти и сите вработени ги извршуваат своите работни задачи.  

Инаку, Мазнева рече дека помала група вработени неколку дена го блокирале редовното работење и не дозволувале да биде исчистен сметот на територијата на Скопје.  Повеќе од 15 години тие биле постојано трета смена,  а поголем дел од нив, како што рече, воопшто не се појавувале на работа. 

Градската администрација и „Комунална хигиена“ Скопје успешно се справи со опструкциите и блокадата на работата на нашето претпријатие од страна на мафијашките структури коишто не дозволуваа ниту еден вработен да ги извршува своите работни задачи, рече Мазнева.

Додаде дека иако ги известиле надлежните институции за блокадата со која се соочува претпријатието, „на мафијашките структури им беше дозволено и понатаму да продолжат со самоволието и незаконската блокада на работата на нашето јавно претпријатие“.  

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на прес-конференција вчера изјави дека јавноста треба да оддаде признание на Мазнева зашто е прв директор на ова комунално претпријатие која одлучила да се справи со „мафијата“ во ЈП „Комунална хигиена“. 

-Фативме луѓе коишто пет години седат во Германија, во Швајцарија, трајно се иселени и земале плата, како вработени во претпријатието. Ние не зборуваме за поединци и не зборуваме за кланови. Зборуваме за неработници, за нечесни луѓе и за мафијаши, за луѓе коишто при работниот процес извршиле кривични дела и за нив одбрана нема, рече Арсовска.

На прашање дали се согласува со предлогот на некои градоначалници надлежностите за собирање на сметот во градот да им се префрлат ним, Арсовска одговори дека луѓето „од коалицијата ДПМНЕ-СДСМ“ играат политички игри и „како инфлуенсери се сликаат по улиците и нередот што го прават“ и треба, рече, да престанат да си играат со нервите на скопјани и нивниот интерес, односно институциите да функционираат како што треба. 

Инаку, вчера пред вработените во „Комунална хигиена“ Скопје да одлучат да се вратат на работа, скопските градоначалници одржаа итна седницата на Скопскиот плански регион.

Тие побараа кривична пријава за загрозување на здравјето на граѓаните против градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, доколку не се реши состојбата со комуналната хигиена.

Дел од скопските општини во меѓувреме побараа Град Скопје и „Комунална хигиена“ итно да изнајдат решение за собирање на сметот во градот. Градоначалниците на скопските општини од ВМРО-ДПМНЕ ноќта во неделата почнаа да го собираат сметот со камиони позајмени од нивни колеги од други градови. Општина Центар вчера изутрина почна сама со собирање на сметот во и надвор од контејнерите.

Состојбата со сметот во главниот град и штрајкот на вработените во „Комунална хигиена“ беше предмет на неколку дневни партиски препукувања и обвинувања.

Од СДСМ потенцираат дека за хаосот со ѓубрето во Скопје одговорноста е кај Христијан Мицкоски и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.

-Поради неспособноста на ДПМНЕ и кадрите на Мицкоски Скопје со денови буквално се дави во ѓубре. Преполни контејнери, нехигиена и диви депонии. Погледнете зад мене, каде што шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски даваше изјава во Радишани. Купови смет, во близина на детска градинка, трговски центар, среде населба. Еколошка катастрофа која може да стане извор на зарази, изјави вчера Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневнополитички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, остануваат на ставот дека вината е кај СДСМ.

-Крахот е поради неспособноста на Арсовска поддржана од СДС која и праќа полиција да се пресметува со вработените во Комунална хигиена единствено што може да направи е да си поднесе оставка, соопштија вчера од партијата. бт/ев/

 

Остани поврзан