• четврток, 26 декември 2024

Во 2025 Општина Тетово најавува нови проекти за подобро водоснабдување и чиста животна средина

Во 2025 Општина Тетово најавува нови проекти за подобро водоснабдување и чиста животна средина

Тетово, 26 декември 2024 (МИА) – Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, заедно со директорите на претпријатијата и раководителите на сектори одржаа средба со новинарите, на која сподели информации за реализирани проекти во 2024 година и најава за нови активности во текот на 2025 година. Касами и раководителите одговорија на бројни прашања на новинарите за проблематиките кои се поврзани со Тетово.

За постојаните прекини со водоснабдувањето Касами и раководителот на комуналното претпријатие за водовод Ваљон Шаќири информираа дека се работи на санација на неколкуте бунари во градот за да се обезбеди вода кога недостигаат количините од новиот и стариот водоснабдителен систем.

- Од моментот кога ќе се санираат и се пуштат во систем, се додава нова (количина) вода, затоа што овој временски период се намалува доток на вода од Шара. Тоа ќе се компензира со ставање во употреба на бунарите кои се во градот, рече Касами.

Во моментот, според Шаќири, има доток од 320 литри вода во секунда.

-Сега само една рестрикција има активна, тоа е од 02.30 до 05.30 часот. За другите рестрикции што се поголеми ние ги објавуваме на страницата на ЈКП Шар, еден ден пред да идеме да го санираме дефектот, а кога интервенираме во град, може 30 минути или саат порано да објавиме, рече Шаќири.

Граѓаните кои се незадоволни од начинот на пресметка на користење на вода што сега изнесува 4 метри кубни по член на семејство кое живее во стан и по 7 за семејства во куќа, Касами рече дека можат да се обратат во јавното комунално претпријатие со барање да им се инсталира водомер.

Според Касами, просторот кај судот што се користи за паркинг е сопственост на Министерството за спорт.

Таму отишла комуналната инспекција, наша надлежност е да следиме дали паркингот има договор со општината за да плаќаат комуналната такса за користење на паркинг или нема. Според информацијата на инспекцијата, тие имаат дадено време да од следна година од јануари да доаѓаат и да склучуваат договор со општината. Сега, дали имаат документи за користење, нема, тоа не сме ние надлежности, од после ќе се увиди дали имаат документи за таа локација или нема, рече Касами.

Градоначалникот рече дека во рамки на студија која се подготвува ќе се наоѓа решение за повеќе паркинг простори.

- Со новиот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, ќе седнеме да разговараме во делот на анализа на можностите да засолништата да бидат реновирани и користени двонаменски и за скривалиште и за паркинг, дали ќе се одговориме со тоа да менаџира јавното комунално претпријатие за паркинг, дали тие ќе ги дадат со јавно приватно партнерство, тоа е веќе модалитетно, за нас е важно и тие простори да бидат користени и за паркинг.

Касами рече дека недостатокот на униформирани полицајци и неможноста да се координираат за надлежностите во делот на јавниот простор ќе бидат надминати со формирање на општинската полиција.

За заштита на животната средина Касами рече дека се работи постојано на садење на дрвја на зелените површини во градот и дека има редовни и вонредни контроли на Општинската инспекција за животна средина, која ги контролира загадувачите во случај дали тоа се домаќинства или индустрија.

- Исто така, имаме проект со УНОПС кој предвидува смена на грејните системи на неколку десетина јавни објекти во Општината, каде е вклучена општината, судот, болницата, значи, главните загадувачи во градот. Исто така, работиме и во делот на тоа да имаме индикатори, односно мерни станици во други локации, во неколку локации во градот, каде што ќе имаме појасна слика каде е поголемиот дел сконцентрирани загадувачите, рече Касами.

Раководителот на општинскиот инспекторат Арменд Салихи информираше дека во 2024 има изречено 35 глоби по 50 евра за физички лица, додека за индустриските загадувачи има дадено само опомени да работат според законот.

На прашањето зошто на Денот на албанската азбука не се почитувал Законот за употреба на знамиња на заедниците и на јарболите покрај државното знаме имаше по две знамиња на Албанија, Касами рече во администрацијата така ги сфатиле законските одредби. Тој одговори и зошто на објектот на Радио Тетово има поставено само знаме на Албанија.

- Од секторот го прочитале тоа дека ако има едно државно, не е проблем колку ќе има национални, за тоа ќе се бара коментар на тој дел од законот, ако треба едно на едно, тогаш од следна година, ќе се почитува тоа. Во Радио Тетово не е ставено како знаме туку, имаме дадено објаснување и на полицијата која започна процедура, дека тоа е уметничка инсталација заради протестите кои се направени шеeсeтите години за подигање на националното албанско знаме во Тетово. Тоа не е ставено таму како знаме во делот на тоа што е предвидено во законот, туку е уметничка инсталација, одговори Касами.

Актуелниот градоначалник планира да се кандидира за нов мандат, но рече дека тоа е процес во кој треба да добие поддршка од партијата и коалицијата. ас/дма/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан