• петок, 22 ноември 2024

Во Штип трибина во рамки на кампањата „Розевиот октомври“

Во Штип трибина во рамки на кампањата „Розевиот октомври“

Штип, 17 октомври 2024 (МИА) - Расте бројот на пациенти со карциномот на дојка, во светски рамки секоја година се зголемува за еден процент. Освен генетските фактори кои се виновни за 10 до 15 отсто за карциномите, останатите фактори кои влијаат на зголемување на бројот на пациенти со рак на дојката се загадувањето на воздухот, стресот, лошите навики во животот, немање на физичка активност порача денеска на интерактивната трибина во Штип, Јасмина Чабуковска, професор на Факултетот за медицински науки при УГД – Штип и член на Националната комисија за рана детекција на рак на дојка.

Во рамките на кампањата „Розевиот октомври“ беа презентирани и новините во делот на упатување на пациентките кон кабинетите за радиодијагностика на болести на дојка и за скрининг програмата на Министерството за здравство. Чабуковска вели дека ова треба да ја намали и листата за чекање.

-Овде се работи за рано откривање на карциномот на дојка и на неговото значење во намалување на смртноста или заштеда на пари во третманот на пациентките. Морам да кажам дека одзивот се уште не е таков-каков што треба да биде во однос на европските земји, бидејќи некаде околу 45 отсто од повиканите пациенти. Но секој почеток е тежок и се надевам дека во наредниот период, според клиничките патеки коишто националната Комисија ги постави за начин на упатување на пациенти, се повеќе асимптоматски пациентки ќе доаѓаат на скринингот и нема да остануваат празни термини, коишто за жал никој не ги пополнува, а пациенти коишто им треба преглед чекаат или се упатуваат неправилно  во кабинетите за дијагностичка мамографија, вели Чабуковска.

Таа додава дека новитет е асимптоматските пациентки на возраст од 40 до 69 години се ставени во скрининг програмата и немаат потреба да се пријават во кабинетот за дојка и на тој начин се растетуваат кабинетите за мамографија, кои се за пациентите со симптоми и за оперирани пациентки.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Влатко Захариев истакна дека имаат седум рендгенолози кои работат на мамографот и на ехото на дојка,а дневно од шест до осум пациенти од источниот регион се закажани и се прегледуваат од страна на лекарите.

Инаку денешната трибина ја организираше Клиничка болница – Штип, поддржана од Министерството за здравство во соработка со Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка, СЗО, Здружението за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања ФЕМИНА–М и Здружението за иницијативи за развој во здравството, подобрување на здравствените сервиси и застапување на пациенти ЕЗРА. вдј/дма/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан