Во Штип промовирана книгата „Оригиналниот ракопис од прогласот и останатите печатени прогласи на царот Леополд I, од 1690 година, со кој го зема македонскиот народ под своја заштита“
- На Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска беше промовирана книгата „Оригиналниот ракопис од прогласот и останатите печатени огласи на царот Леополд I од 1690 год, со кој го зема македонскиот народ под своја заштита.“ Автори на книгата се Александар Донски и Џони Тодоровски. Историчарот Донски вели дека во оваа книга е објавено писмо од австрискиот цар Леополд I, во кое тој го земал под заштита македонскиот народ. Оригиналниот ракопис го пронаоѓа авторот Тодоровски.
Штип, 26 февруари 2026 (МИА) – На Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска беше промовирана книгата „Оригиналниот ракопис од прогласот и останатите печатени огласи на царот Леополд I од 1690 год, со кој го зема македонскиот народ под своја заштита“. Автори на книгата се Александар Донски и Џони Тодоровски. Историчарот Донски вели дека во оваа книга е објавено писмо од австрискиот цар Леополд I, во кое тој го земал под заштита македонскиот народ. Оригиналниот ракопис го пронаоѓа авторот Тодоровски, во Австрија и со голема љубов и посветеност заедно со Донски работат на ова големо и значајно дело за Македонија.
-Книгата излезе сега пред околу една недела, во неа е објавено едно писмо од царот на светото римско царство, Австријскиот цар Леополд први, објавено во 1690 година со кое писмо тој го зема под заштита македонскиот народ. Ќе кажам тука дека преписот на ова писмо до сега беше објавен кај нас, но неодамна оригиналниот ракопис на ова писмо го пронајде господинот Џони Тодоровски, и сега тој оригинал е објавен во оваа книга. Веднаш паѓа во очи дека постои една значителна разлика помеѓу оригиналното писмо и она што до сега кај нас се објавувавше, а тоа е преписот на тоа писмо, а таа разлика секој ќе ја види во книгата. Разликата е во тоа што царот го објавил тоа писмо како резултат на средбата со двајца наши сонародници, Македонци. Тој јасно ги декларира како Македонци- рече Донски.

Тодоровски е роден во Австралија, студирал во Канада, а денес живее во Холандија. Од своите предци кои со години се надвор од Македонија, научил многу за своите корени, па токму љубовта кон македонскиот народ и историјата, го предизвикала заедно со Донски да направат едно вакво големо дело.
-Со оваа книга и со претходни книги што ги имаме издадено целта ни е да се дознае целата вистина за Македонија и за македонскиот народ, затоа што обично преземаме работи кои што се сервирани од други нации или победници на војни. Има голем број на книги и на документи во архивите кои може да се најдат и кои би сакале да ги објавиме. Тоа е нашата цел за да бидеме горди на тоа што било со вековите, тоа е многу важно. Книгата ќе биде бесплатно објавена онлајн - рече Тодоровски.
Промотор на книгата беше академик Стојко Стојков. вдј/вј/
Фото: МИА