• петок, 22 ноември 2024

Во штипско-карбинскиот регион зголемен интересот за имунизација по појавата на првиот случај со морбили

Во штипско-карбинскиот регион зголемен интересот за имунизација по појавата на првиот случај со морбили

Штип, 5 април 2023 (МИА) - По регистрирањето на првиот случај со морбили кај 13-месечно дете од Свети Николе, деновиве е и зголемен интересот за имунизација за прва доза во штипско-карбинскиот регион.

Педијатарот, Дијана Коцева - Миланова од службата за превентивна заштита при ЈЗУ „Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, вели дека процентот на имунизирани деца до една година во Штип изнесува околу 80 отсто. Во текот на вчерашниот ден ги добиле упатствата од Комисијата за заразни болести.

-Засега имаме добиено насоки за проверка на картоните за имунизација на децата и понатаму ќе ги следиме упатствата, вели Коцева - Миланова.

Посочува дека постојано се јавуваат на родителите и ги потсетуваат дека имаат пропуштено вакцина, а по појавата на првиот случај на морбили кај 13-годишно дете очекува и да се зголеми свесноста кај родителите за заштита на здравјето на сопствените деца. Според Коцева – Миланова не се работи за тоа дека родителите ја избегнуваат имунизацијата, туку дека ја одлагаат. Најчесто се чека детето да прооди и прозбори, а дури потоа го носат на вакцинација. Ваквиот став е неоснован и неоправдан, бидејќи со тоа го изложуваат сопственото дете да биде подложно на инфекција.

-Има голем процент на заразност. Од 10 деца кои доаѓаат во контакт, а не се имунизирани, ќе заболат дури девет и компликациите кои може да ги даде самата болест се сериозни, сериозна пневмонија, воспаление на мозокот, па дури во ретки случаи и смрт, рече Коцева - Миланова.

Последен пат епидемија на морбили имаше пред четири години, кога на штипското Инфективно одделенија завршија дваесеттина пациенти. вдј/дма/

 Фото: МИА архива

Остани поврзан