• четврток, 26 декември 2024

Во штипската населба Три Чешми ќе се отвори детска градинка

Во штипската населба Три Чешми ќе се отвори детска градинка

Штип, 21 јуни 2023 (МИА) - Во подрачното училиште во штипската населба Три чешми ќе се отвори детска градинка, којашто ќе има посебен влез и посебни стандарди кои веќе се усогласени со ресорното министерство. Активностите почнаа вчера, а според градоначалникот Иван Јораднов, ќе завршат за неколку месеци.

- Станува збор за триесетина дечиња коишто имаат потреба од згрижувачки процес, предучилишна возраст. Имајќи предвид дека населбата Три чешми е неколку километри оддалечена од постоечките градинки, коишто се наоѓаат на територија на општина Штип, одлучивме со инвестиција на Општината во вредност од 2.000.000 денари да ги преадаптираме постоечките простории. Ќе има три простории, една занимална, помошна просторија, тоалети и посебен пристап, којшто ќе овозможи да се одвива згрижувачкиот процес во рамки на основното училиште „Гоце Делчев“, а под детската градинка „Вера Циривири-Трена“, појасни Јорданов.

Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова ги повика родителите да се обратат во службата и да ги запишат нивните деца.

- Чест и гордост ни е што успеавме да ја средиме целата документација, се надеваме дека со функционалната анализа ќе ни ги одобрат и вработувањата за соодветен кадар, којшто ќе се грижи за згрижување на дечињата. Исто така, ги повикувам сите родители коишто беа анкетирани, да се обратат во стручна служба, да ги пополнат барањата, за да ја оформиме групата, рече Ангеличкова.

Во рамки на училиштето ќе се изгради и мултифункционално затворено игралиште, за кое средства се обезбедени со последниот ребаланс на Буџетот на Општина Штип. вдј/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан