• вторник, 03 декември 2024

Во центарот на Белград голем протест против копањето литиум, најавeна e блокада на мостовите

Во центарот на Белград голем протест против копањето литиум, најавeна e блокада на мостовите

Белград, 10 август 2024 (МИА) - Во ценатрот на Белград на „Теразије“, во организација на еколошките здруженија и невладини организации, поддржани од опозицијата, се одржа голем протест против копањето литиум и бор во Србија, по што граѓаните се упатија во протестна прошетка кон мостот „Газела“ и железничката станица, блокирајќи ги централните белградски улици, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот се одржа по серијата протести низ цела Србија и по истекот на рокот од 40 дена што организаторите им го дадода на властите да прогласат мораториум за ископување литиум и бор во Србија и отворањето рудник на Рио Тинто во Јадар крај Лозница, поради големата еколошка штета што ќе ја има западна Србија.

На собирот во Белград, и покрај летните одмори, имаше до 30.000 лица, кои мирно протестираа против копањето на литиум во Србија.  

Протестот го отвори актерката Јелена Ступљанин, а говoреа организаторите, лидерот на здружението „Не го даваме Јадар“ Златко Кокановиќ, Љиљана Браловиќ од Здружението на еколошки организации на Србија (СЕОС), научниот советник на белградскиот институт за хемија Драгана Ѓорѓевиќ и актерката Светлана Бојковиќ.

- Науката веќе кажа дека најкатастрофалниот начин за експлоатација на литиумот е од рудниците, бидејќи денес литиумот се експлоатира на неколку начини. Најмногу го има  во Јужна Америка, Австралија има многу, Америка го има, но денес ископувањето на литиум се врши во пустини и ненаселени области на планетата. Кај нас ова би бил првиот уникатен рудник во населено место, на плодно место, водно место, место за живеење. Се обидуваат да не излажат дека рудникот е под земја, дека е длабок и дека не е проблем за животната средина. Тоа не е точно, нагласи професорката Ѓорѓевиќ.

Протестот е поддржан од опозициските партии и еколошки организации, меѓу кои беше и пратеникот и лидер на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ Чута.

- Оној кој го сака својот народ и земја не го протерува селанецот што го храни од својата нива и не доведува Германци, Руси и Кинези без пари да им ги даде природните ресурси. Тој ја чува таа земја, ја штити и ја остава на своите деца. Тоа што прави Вучиќ во последно време и ја нуди својата оставка - Ти Александре Вучиќу не си тема ниту твојата оставка. Не се собравме ние поради тоа. Направи го она што народот ти бара, во спротивно ќе имаш проблем со народот, изјави Чута за македонските медиуми.

Протестот го поддржа и Демократската странка, а лидерот на оваа партија Зоран Лутовац во изјава за МИА кажа дека барањата на протестот се оправдани и тие не се политички.

- Очекувам Александар Вучиќ да ја повлече иницијативата за експлотација на литиум и тоа да има законска санкција, т.е. тоа да се претвори во законска обврска. Толку народ да се собере овде, на 10 август, кога се одмори, а да се соберат повеќе десетици илјади луѓе, многу говори, кажа Лутовац.

По завршување на потестот, активистот на „Не го даваме Јадар“, Златко Кокановиќ ги повика граѓаните да се упатат кон мостот „Газела“, од каде тргнаа во две колони, едната се упати кон „Газела“, додека другата колона се упати кон железничката станица „Прокоп“.

Во пресрет на протестот во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ вчера потврди дека добил информации од руската тајна служба за можни немири и државен удар, додека МВР синоќа уапси четири лица кои имале намера вечерва да направат инциденти, напагајќи ја полицијата. об/паг/

Фото: МИА

Остани поврзан