• сабота, 22 февруари 2025

Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, минатата година, произведени над 233 милиони киловат часови електрична енергија

Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, минатата година, произведени над 233 милиони киловат часови електрична енергија

Дебар, 14 февруари 2025 (МИА) - Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, минатата година произведени се над 233 милиони киловат часови електрична енергија, а моментно во акумулацијата има резерва на вода за производство на над 6 милиони киловат часови.

- Вкупното производство за 2024 година е 233.045.000 киловат часови електрична енергија што претставува 87 отсто реализација на годишниот план. Просечен доток во изминатите денови од Црн Дрим е околу 21 кубен метар во секунда, a од локален слив околу 17 м3/сек. Моментната кота во акумулацијата на Дебарско Езеро е 563,75 метри што претставува резерва за производство на над 6,1 милион киловат часови, потврдија за МИА, од ЕСМ.

Оценуваат дека минатата е многу идентична со претходната, 2023 година, во однос на неповолната хидрологија.

-Последните две години може да ги окарактеризираме како потпросечни хидролошки години, во однос на производството на електрична енергија. Но, исто така, треба да се нагласи дека минатата, неповолна, хидролошка година, е искористена за да се реализира капиталниот ремонт на два генератора. Зафатот е реализиран во согласност со предвидените планови за тековно и за инвестициско одржување на опремата, посочуваат од компанијата.

Оттаму велат дека капиталниот ремонт е една од позначајните сервисни активности и значи продолжување на работниот век, зголемување на сигурноста и стабилноста на „Шпилје“ и на ХЕС „Црн Дрим“, што го сочинуваат оваа и ХЕ „Глобочица“.

На 4 ноември минатата година, ХЕ „Шпилје“, одбележа 55 години од нејзиното ставање во функција, период во кој во електроенергетскиот систем испорачала 14.799,19 гигаватчасови електрична енергија. вт/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан