• петок, 27 декември 2024

Еден од повредените во инцидентот во Арачиново им подлегнал на повредите, потврдија за МИА од Ургентниот центар

Еден од повредените во инцидентот во Арачиново им подлегнал на повредите, потврдија за МИА од Ургентниот центар

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ примени се двете повредени лица во оружениот инцедент што попладнето се случи во селото Арачиново. Еден од повредените починал, а кај другиот ќе биде извршена хируршка интервенција, потврдија за МИА од Ургентниот центар. 

Оттаму информираа дека починатиот пациент е на 50-годишна возраст, а другиот е 19-годишен. 

- Заради сериозноста на состојбата на 50- годишниот пациент, веднаш е извршена реанимација, но за жал и покрај сите напори на дежурните медицинските тимови, кај овој пациент настапила смрт, посочуваат од Ургентниот центар.

Како што информираат, 19-годишното момче веднаш е примено во Одделот за интензивна нега, направена е дијагностика и ќе биде извршена хируршка интервенција.

 Од МВР за МИА претходно информираа дека две лица се здобиле со повреди од огнено оружје во инцидент што се случил вечерва во селото Арачиново.

- На 01.11.2024 околу 19 часот од Ургентен центар Мајка Тереза во СВР Скопје е пријавено дека со повреди од огнено оружје биле донесени С.А. и А.А. од с. Арачиново. Според пријавеното, во нив во с.Арачиново било пукано со огнено оружје од страна на две лица кои биле со возило “Ауди”, наведуваат од МВР.

Од МВР потенцираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. бт/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан