Во трка за наградата „Роман на годината“ 43 дела
- На конституитивната седница, жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатирала дека во конкуренција се романи од различни жанрови и дека процесот на избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.

Скопје, 20 јануари 2025 (МИА) - На годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ којшто траеше од 15 декември до 15 јануари, пристигнати се 43 романи.
На конституитивната седница, жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатирала дека во конкуренција се романи од различни жанрови и дека процесот на избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Името на победникот треба да биде објавено до 15 март.
Наградата „Роман на годината“, поддржана од Министерството за култура, чиј генерален спонзор е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава ќе биде доделена по 26-ти пат. Признанието се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. бак/
Фото: Роман на годината