• петок, 05 декември 2025

Во Тетово се одржа саем на недрвни шумски производи

Во Тетово се одржа саем на недрвни шумски производи

Тетово, 20 септември 2025 (МИА) - Втор пат во Тетово се одржа саем на одгледувачи на недрвни шумски производи, шумско овошје, ароматични билки и мед во организација на здружението „Ренесанса“.  Oваа активност е во  рамки на нивен проект за промовирање на планинскиот туризам во функција на унапредување на локалната економија.

-Целта ни е да ја поттикнеме не само свеста на граѓаните, посебно на жителите од планинските села, туку што повеќе да го промовираме планискиот туризам и одгледувањето недрвни шумски производи. Сметаме дека во последно време има зголемена  заинтересираност странски туристи да ја посетат Шара, каде имаме многу природни богатства, само ни треба малку повеќе промоција, изјави Берат Азизи од Здружението „Ренесанса“.

Зголемената е заинтересираноста и на производителите за презентација на нивните производи. По ланскиот саем во август, годинава манифестацијата на градскиот плоштад брои повеќе производители кои нудат продукти пред граѓаните.

-Има 14 што се пријавени, тоа е добар знак бидејќи луѓето се повеќе ја разбираат целта и важноста на промовирање на нивните продукти и се надеваме ова да остане традиција, изјави Азизи.

Пред неколку месеци во рамки на проектните активности на здружението во тетовскиот зелен пазар беа поставени четири „Еко-тезги“  наменети само за продажба на недрвни шумски производи, шумско овошје, ароматични билки и мед. ас/мд/

фото: МИА 

 

Остани поврзан