• петок, 06 декември 2024

Во Тетово изложба „Јас сум...“ на уметникот Добре Грнчаровски

Во Тетово изложба „Јас сум...“ на уметникот Добре Грнчаровски

Тетово, 2 ноември 2024 (МИА) - Во Тетово вечерва беше отворена изложбата „Ја сум...“ од Добре Грнчароски, ликовен уметник кој работи и живее во Хрватска и првпат изложува свои дела во родниот град под Шар Планина. Тој е роден 1965 година во Тетово, каде завршува основно и средно образование, а во Загреб дипломира и магистрира на Технолошкиот факултет, па останува да живее и твори во главниот град на Хрватска и во Пула.

Промотор на изложбата на Грнчароски беше академскиот сликар Павле Кузмановски.

-Својот израз во сликарството го бара играта на боите и во комбинирањето со нијансирање и треперење на боените површини со што во обидите успева да долови една визуелна хармоничност во делата. Тој почнува да слика во Пула од носталгија по родниот крај но и поради убавините и атмосферата на живеењето во Пула, преубав град на море во Истра. Оваа определба на Добре носи резултати со што почнува да прави изложби и никогаш повеќе не се откажал од оваа негова нова професија. Со напорна работа стигнал до 20 изложби, истакна во промотивниот говор Павле Кузмановски.

Тетовската публика во концертната сала на Музеј на тетовски крај (поранешен Дом АРМ) има прилика да види 25 ликовни дела од Добре Грнчароски. Тој освен 20 самостојни изложби и има учествувано на над 40 колективни изложби во Хрватска.

-Сликите се направени со комбинирана техника, јас користам се, има бои,лакови, пасти за заби, боја за фарбање, силикони. Не сум академски школуван за сликарство, па сум слободен да користам сè што ќе падне на памет за да од десет обиди да излезе еднаш како што треба. Насловот „Ја сум“ кратко и едноставно укажува дека јас сум Добре од Два бреста, кај и да сум јас сум од Тетово, истакна во емотивниот говор, Добре Грначароски.

Изложбата е во организација на Македонско - хрватското друштво (МХД), а е дел од настаните кои се одржуваат во пресрет на 80 години од ослободувањето на Тетово. ас/лв/

фото: МИА 

Остани поврзан