• петок, 05 декември 2025

Во тек е асфалтирање на повеќе локации во Ранковце

Во тек е асфалтирање на повеќе локации во Ранковце

Ранковце, 9 мај 2025 (МИА) - Во тек е асфалтирање на повеќе локации, локални патни правци во Општина Ранковце, во рамки на проектите за општините поддржани од Министерството за локална самоуправа од програмата за 2024 година, Биро за регионален развој и Министерство за транспорт, а се инвестираат над 15 милиони денари.

Градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски, денеска изврши увид на градежните работи на терен и информира дека динамиката на градба се одвива забрзано, согласно поволните временски услови.

- Денеска продолжува асфалтирањето на втората делница од локален пат во село Опила, маала Каваклија до Булин гроб, во должина од 1100 метри. Асфалтирање се реализира со финансии обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, потпрограма АА -"Инфраструктурни проекти за општините, 2024 година". Во текот на вчерашниот ден извршено е асфалтирање на првата делница од пат во истото село, Опила, до црквата св.Никола, во должина од 850 метри, а се инвестираат средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа преку Биро за регионален развој, изјави Спасовски.

Градоначалникот Спасовски посочи дека периодов е решен деценискиот проблем во Кокинска маала, асфалтиран е дел од патот во должина од околу 400 метри, а во текот на летото ќе бидат асфалтирани уште, дополнителни 450 метри, до централниот дел на ова маало. 

Асфалтирање е извршено и на локален пат во село Ранковце , м.в. Зердин Дуб, втора фаза од проектот, со должина од 440 метри, а проектот е реализиран со финансиска подршка на Министерството за транспорт. иб/цр


Фото: Општина Ранковце 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан