• сабота, 08 јуни 2024

Во Струмица се поставуваат полуподземни контејнери

Во Струмица се поставуваат полуподземни контејнери

Струмица, 12 септември 2023 (МИА) - Во Струмица се поставуваат полуподземни контејнери кои собираат 5 кубни метри отпад и кои заедно со постоечките метални треба да овозможат подобро собирање на отпадот.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, поставувањето на овие контејнери е на барање на граѓаните и нивната забелешка дека постоечките контејнери од 1 метар кубен не се доволни.

-Со денешен ден практично на три локации завршуваме со поставување, а треба да поставиме уште 17 со капацитет од 5 метри кубни, што практично значи дека еден ваков контејнер заменува 5 постоечки метални. Многу е важно да се земе во предвид дека 70 проценти од контејнерот се наоѓа под земјата, обезбедени се сите можни сертификати од страна на изведувачот дека нема да има никакво негативно влијание во однос на почвата и животната средина, изјави струмичкиот градоначалник.

Покрај тоа, во тек е набавка на специјализирано возило за празнењето на новите контејнери кое треба да почне да го собира отпадот до крајот на овој или почетокот на наредниот месец.

Според директорот на ЈПКД „Комуналец“, Зоран Горгиев, со поставувањето на полуподземните контејнери ќе се олесни работењето на комуналното претпријатие.

-Со тоа ние се овозможува полесно да го собираме и депонираме отпадот, бидејќи овие контејнери собираат поголема количина на отпад и се заштитени и нема да се гледа онаа грда слика која ја имаме кај постоечките контејнери, рече Горгиев.

Полуподземните контејнери ќе бидат поставени на 20 локации во градот, почетно во централното градско подрачје и потоа на периферните делови на градот, а согласно потребите и наредната година ќе се врши набавка на истите со цел покривање на целиот град со вакви контејнери.рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан