Во Струмица почна изградбата на вториот по големина парк во градот
- Во Струмица почна изградбата на вториот по големина парк во градот, во населбата „Карпош“, на површина од близу 40 илјади метри квадратни, на која претходно беше беше предвидено да се гради трговски центар.

Струмица, 17 април 2025 (МИА) - Во Струмица почна изградбата на вториот по големина парк во градот, во населбата „Карпош“, на површина од близу 40 илјади метри квадратни, на која претходно беше беше предвидено да се гради трговски центар.
Според градоначалникот Костадин Костадинов, кој денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на новиот парк, било одлучено дека на Струмица и се доволни згради и трговски центри, односно како што истакна, на градот му треба раззеленување наместо бетонизација.
-Сметаме дека на цела Струмица, а особено на населбата „Карпош“, како нов дел од градот, и треба голем парк кадешто родителите заедно со своите дечиња, пензионерите коишто живеат во овој дел од градот, децата од детската градинка „Виножито“ ќе имаат свое катче каде што ќе можат да си реализираат нивни едукативни програми, да се социјализираат и да поминуваат убаво време исполнето со здравје, среќа и секако мир насекаде, рече Костадинов.
Информираше дека ова е првата фаза од изградбата на новиот градски парк, а средствата во висина од 350 илјади евра се обезбедени од ИПА-ИНТЕРРЕГ програмата на Европската унија.
-Од мое лично име и од име на општина Струмица и од граѓаните и граѓанките сакам да се заблагодарам на ЕУ и европските даночни обврзници што веруваат во мојата и визијата на мојот тим и што инвестираат сериозни средства. Првата фаза е 350 илјади евра, грант којшто нема да имаат обврска идните генерации да го враќаат. Ние не земаме кредити, напротив, благодарение на стручниот тим од Секторот за ЛЕР и Одделението за меѓународна соработка и европски фондови, добивме грант од 350 илјади евра ова ругло да го претвориме во зелена оаза со сите содржини, коишто можат да ни дадат право ова место да го наречеме парк, додаде струмичкиот градоначалник.
Во првата фаза предвидено е изградба на пешачки патеки, коишто ќе бидат изработени од високо квалитетен травертин за да можат граѓаните и да рекреираат и да пешачат, мал амфитеатар со мултифункционална намена за децата од градинката, но и за сите млади и повозрасни кои своето секојдневие сакаат да го поминуваат тука, а за втората фаза од големиот градски парк со добиени средства од копартнерскиот проект со УНДП во износ од околу 15 милиони денари. Со нив ќе се изврши раззеленување, но и дигитализација на самиот парк, смарт клупи, осветлување на соларна енергија и други содржини за дигитална едукација на најмалите и младите луѓе.
Инаку, првата фаза од изградбата се очекува да заврши во април идната година, а втората фаза треба да почне да се реализира за два до три месеци. рт/цр
Фото: МИА