Во Струмица отворено ново повеќенаменско игралиште
- Во Струмица денеска е отворено ново повеќенаменско игралиште кај ООУ „Никола Вапцаров“, во втората урбана заедница. Уредена е вкупна површина од 2.200 метри квадратни, од кои на околу 1.000 метри квадратни е игралиштето, кое е оградено и осветлено, а на 1.200 метри квадратни парк со патеки и комлетна урбана опрема.

Струмица, 5 октомври 2023 (МИА) - Во Струмица денеска е отворено ново повеќенаменско игралиште кај ООУ „Никола Вапцаров“, во втората урбана заедница. Уредена е вкупна површина од 2.200 метри квадратни, од кои на околу 1.000 метри квадратни е игралиштето, кое е оградено и осветлено, а на 1.200 метри квадратни парк со патеки и комлетна урбана опрема.
Градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов во изјавата потенцираше дека ова е четврто повеќенаменско игралиште со што се покриваат сите населби во градот.
-Станува збор за проект којшто е производ на добрата соработка со ЈПКД „Комуналец“ и им благодарам на менаџментот и на сите вработени во претпријатието. Продолжуваме со таков тип на игралиште и во Турското маало за кое веќе имаме избрано изведувач и очекуваме деновиве да започне со работа, а секако и во населените места каде за наредната година најавуваме такво игралиште во Банско, рече Костадинов.
Средствата од близу 12 милиони денари се обезбедени од општинската каса, а според струмичкиот градоначалник со тоа се потврдуваат добрите и мудри одлуки од страна на мнозинството советници во Советот на општина Струмица и како Општината навистина се грижи за потребите на граѓаните, притоа промовирајќи здрав начин на живот и можност за рекреација на струмичани. рт/мд/
Фото: МИА