• петок, 22 ноември 2024

Во сообраќајната незгода на патот Градско-Велес повредени две лица

Во сообраќајната незгода на патот Градско-Велес повредени две лица
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Две лица се повредени во сообраќајната незгода што рано утринава се случи на патниот правец Градско - Велес. Во СВР Велес било пријавено дека на автопатот А-1 на делницата Стоби - Неготино се случила сообраќајна незгода меѓу товарно возило „МАН“ со приклучно возило – цистерна со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Р.(28) од Богданци и товарно возило „МАН“ со приклучно возило – цистерна со неготински регистарски ознаки, управувано од А.Т. (51) од Кавадарци. Во незгодата, информираа од МВР, со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и биле пренесени во Општата болница во Велес за укажување лекарска помош. Од велешката Општа Болница за МИА портпаролот д-р Јелена Левкова Ќулумова информира дека од оваа сообраќајка кај нив во болница на Хируршко одделение се донесени двајца пациенти. Едниот пациент на 51 година возраст со повеќе повреди на глава и по укажаната медицинска помош е препратен на понатамошно лекување на Одделот за Неврохирургија при скопските Клиники. Вториот повреден е на 28 години возраст, пациент кој по дадената првична терапија од докторот кој го прегледал и востановил дека нема потреба од болничко лекување, е пратен дома. Поради сообраќајната незгода, патниот правец беше во прекин од 04:40 до 06:45 часот. цр/бак/

Остани поврзан