• четврток, 22 мај 2025

Во Собранието доделени сертификати за завршена Академија за пратеници

Во Собранието доделени сертификати за завршена Академија за пратеници

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Во Собранието денеска се одржала свечена церемонија за доделување сертификати на пратеници кои ја завршија Академијата за пратеници, а е дел од проектот „Доба на подобри политичари“, реализиран од Форумот за разумни политики, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.

Академијата е наменета за пратеници кои се во својот прв мандат, како и за оние кои сакаат да ја унапредат својата активност во Парламентот. Како што соопштија од собраниската прес-служба, Аладемијата претставува значаен чекор во градењето на капацитетите на пратениците, овозможувајќи им продлабочено разбирање на законодавните процеси и поттикнувајќи култура на парламентарна дискусија, заснована на демократски вредности, меѓупартиска соработка и толеранција.

Поздравни обраќања на Академијата имале Африм Гаши, претседател на Собранието, Даниел Филер, заменик-амбасадор на Обединетото Кралство и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

За претседателот Гаши, Академијата претставува благороден и визионерски чин кога еден пратеник ќе одлучи да ги унапредува своите интелектуални и политички капацитети со цел да го подигне квалитетот на претставувањето. Тој истакнал дека Академијата е потсетник дека е возможно и неопходно градење нова политичка сцена, со помудри и похумани политичари, кои ја ценат дебатата, ги почитуваат процедурите и ја негуваат меѓусебната почит.

- Без искрен дијалог и соработка надвор од линиите на поделба, секоја реформа останува површна, а секој закон недоволен, рекол Гаши, додавајќи дека во таа насока проекти како оваа Академија се камен-темелник на визијата за изградба на Собрание кое им служи на граѓаните со професионализам и одговорност.

Во политиката, зрелоста не значи само да се имаат ставови, нагласил Гаши, туку да се знае како да се споделат, без притоа да се урнат мостовите на комуникација. 

Заменик-амбасадорот Филер уште еднаш ја потврдил поддршката од Обединетото Кралство кое верува, се подвлекува во соопштението, во нашата институционална сила, капацитетот и посветеноста на пратениците.

- Ова учење преку рефлексија и дијалог во Академијата да продолжи да ја инспирира демократската иднина на земјата, затоа што демократијата е патување кое трае, порачал Филер.

Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики искажал задоволство и благодарност до учесниците пратеници и Британската амбасада во програмата базирана од искуствата и практиките на Британскиот парламент.

Своите лични впечатоци како учеснички ги споделиле и пратеничките Драгана Арсова и Калтрина Беќири, кои ја истакнале значајната улога на Академијата во јакнењето на капацитетот на народните избраници во јавниот и политчкиот живот и на демократијата во целина. Програмата понудила подлабоко разбирање на работата на пратениците, развивање лидерски вештини, градење јавни пораки и јакнење на учеството на жените во политиката.

Програмата, која се одвивала од ноември 2024 до април 2025 година под водство на еминентни предавачи и искусни практичари, успешно ја завршиле 24 пратеници од седум политички партии, и тоа: Калтрина Беќири, Мимоза Муса, Садик Сулејмани, Сaлим Сулејмани, Ријад Шаќири, Фериде Хаџиу, Даниела Белимова, Даниел Стојчевски, Миле Цеков, Александар Јамалов, Биљана Кузмановска, Дијана Илиевска, Драгана Арсова, Драгана Бојковска, Јулија Тушевска, Моника Трајанова, Петар Марков, Пеце Милевски, Дејан Проданоски, Јане Мицевски, Елми Азири, Кире Божиновски, Бисера Златевска и Сашо Донев.

- Целта беше да се зајакне нивното познавање на парламентарните правила и процедури, како и да се мотивираат за поактивно и поодговорно учество во законодавниот процес. Академијата претставува вложување во политичката зрелост, квалитетот на јавниот дискурс и изградбата на едно поодговорно и демократско Собрание, соопшти собраниската прес-служба. цр/лв/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан