Во снежни услови вевчанци подготвени за карневалското дефиле
- Во снежни услови, вевчанци се подготвени за уште едно карневалско доживување. Маските се уште се кријат во тајност, до дефилето, кое се очекува после 14 часот.

Вевчани, 13 јануари 2025 (МИА) - Во снежни услови, вевчанци се подготвени за уште едно карневалско доживување. Маските се уште се кријат во тајност, до дефилето, кое се очекува после 14 часот.
Градоначалникот Спасе Кочовски вели дека Вевчани е спремно и покрај временските услови гостите доаѓаат, а Општината прави максимални напори за чистење на пристапните патишта и улици.
- Одамна не сме имале снежна атмосфера во Вевчани за Вечванскиот карневал. Условите се можеби по екстремни, но убаво е да се биде овие два дена во Вевчани. Општина Вевчани во соработка со јавното комунално претпријатие „Еремија“ 24 часа е на терен. Ги чистиме и регионалните патишта што не поврзуваат со Струга и Дебар за гостите да можат полесно да пристигнат, изјави Кочовски.
За содржината на маските, вели дека никој не ја знае освен василичарите.
- Никогаш, никој не ги знае маските, освен оние што се маскираат. Мојата помала ќерка ќе се маскира, но јас не знам во што, ќе видам сега на дефилето каква маска има. Ниту најблиските роднини не ги знаат маските. Во тоа е и убавината на Вевчанскиот карневал. Овие два дена атмосферата ќе биде како и секоја година. Очекувам се да биде во најдобар ред, додаде Кочовски.
Тој вети ново и неповторливо карневалско издание со своите традиционални карактеристики, хумор, забава и дружење.
Дефилето под маски се очекува по 14 часот кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала ќе тргнат од влезот на селото, традиционално предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи. По нив се движат останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување. Инспирација за изработка на маските црпат од актуелните случувања во годината што изминала. Вевчанци ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.
Во рамките на забавниот дел, присутните вечерва ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам, кои точно на полноќ на присутните ќе им ја честитаат Новата година, според Јулијанскиот календар.сс/са/
Фото: МИА