• понеделник, 23 декември 2024

Во Скопје следната недела дводневен Eкономски форум на жени лидерки

Во Скопје следната недела дводневен Eкономски форум на жени лидерки

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) – Повеќе од 250 жени лидерки и бизнисменки од земјава, Португалија, Црна Гора, Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Косово, Турција, Индија и Египет ќе учествуваат „Eкономски форум на жени лидерки - Women Economic Forum - Balkans 2024“, настан што ќе се одржи средната следа и четврток во Скопје во организација на Здружението на жени менаџери ЕЛИТ, Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија, под глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и мисијата Г100 Милион.

Целата на настанот, како што беше соопштено на денешната средба со новинарите, е поврзување на бизнисите од сите присутни земји и поголема застапеност на жените во сите делови од животот. Работен јазик на настанот, на кој ќе има и видео обраќања од Индија и Египет, е англискиот.

-Овој високопрофилиран Форум, има за цел да ја унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство. Преку панел дискусии и дебати, докажани лидерки и лидери од Португалија, Индија, Египет, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Македонија ќе разменат идеи и ќе споделат најдобри практики за справување со заедничките предизвици. Форумот ќе привлече повеќе од 250 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, што претставува ретка можност за ваше вмрежување, рече Македонка Димитрова, претседателка на организациски одбор.

Таа нагласи дека форумот ќе има повеќе сесии распоредени во два дена, а на отворањето, како што најави, свој говор ќе има и претседателката Гордана Сиљановска Давкова. На вториот ден свој говор ќе има и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска заедно со гувернерката на Црна Гора. 

-Станува збор за непрофитен настан во кој секој од партиципиентите сам си го организира престојот и патувањето. Желба ни е Македонија да се претстави во оваа мрежа и да покажеме дека како жени лидерки имаме што да споделиме. Ќе се обидеме да ги срушиме табуата за професии за кои се смета дека мажите поприродно се вклопуваат, преку претставување на успешни жени на тоа поле, посочи Димитрова и додаде дека меѓу повеќето жени свое учество на сесиите ќе имаат и пет успешни мажи кои се сензитивни на женските права.

Претседателката на Здружението на жени менаџери „Елит“ Ленка Угриновска рече дека Европската Унија пред една година вовела законска обврска со која до 2030 година учеството на жените во управните и надзорните одбори во големите компании кои успешно котираат на берзите треба да биде 50 проценти. Земјава, како што кажа, во моментов е во рамките на европските процеси на тоа поле и додаде дека во банкарскиот систем учеството на жените во надзорните и управните одбори е над 23 отсто. Најголем број на жени во управниот и надзорниот одбор, како што посочи, има во Алкалоид.

-Сепак треба да се направат системски мерки за застапеност на жените, а тоа го покажува искуството на Италија каде пред воведувањето на системските мерки учеството на жените било 4 отсто. По воведувањето расте за 10-тина проценти годишно и во моментов е повеќе од 30 отсто, рече Угриновска.

На настанот од кој ќе произлезат заклучоци  ќе се види каде се гледаат жените, како да се поврзат и како да обезбедат пристап до финансии.

Форумот има ротирачка база, и седиштето се менува на секои две години во различна земја од Западен Балкан. Пред две години се одржа во Тирана, а се очекува следната средба во Скопје да биде за 10-тина години. вј/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан