• четврток, 27 јуни 2024

Во Скопје промовирана книгата „Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски

Во Скопје промовирана книгата „Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски

Дебар, 20 јуни 2024 (МИА) – Во организација на Матицата на иселениците, во КИЦ во Скопје, промовирана е книгата „Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија“ на авторот Спиро Дуковски, на која промотори на овој труд беа Проф. д-р Катерина Тодороска и Проф. д-р Андријана Јаневска.

-Овој труд има големо значење, не само за историјата на Македонците во Албанија, туку и за општата македонска историја од повеќе аспекти. Во неа се дадени значајни податоци за историјата на областа Дебарско Поле во Албанија, а особено за селата во таа област. Во тој поглед, авторот Дуковски ги обзнанува неговите сознанија за активноста на одредени личности од оваа област кои учествувале во организирањето и раководењето со револуционерното и национално-ослободителното движење во османлискиот период. При тоа, посочени се цели семејства/фамилии како активни членови на Македонската револуционерна организација, а дел од нив биле силна логистика на македонските револуционери, рече меѓу другото Тодороска, објави весникот „Илинден“.

Според неа, значаен придонес овој труд има и за расветлувањето на образовното дело меѓу македонското население во селата од областа Дебарско Поле, за што Дуковски презентира и документ од село Крчиште, во кој населението барало да се отвори училиште на македонски јазик за нивните деца да учат на мајчин јазик.

-Книгата обилува со факсимили и фотографии како визуелна поткрепа на текстот, со што се дава дополнителна тежина на трудот. Сепак, најголемата вредност на книгата се состои во бројните фамилијарни стебла, кои авторот ги изработил во соработка со потомци на Македонците кои потекнувале од овој крај. Овие податоци, речиси е невозможно да се фалсификуваат и Македонците од областа Дебарско Поле да се претставуваат како нешто различно од она што е нивниот македонски корен, нагласила професорката.

Јаневска се задржала на значењето на македонската народна песна во селата од Преспа, Гора и Голо Брдо за зачувување на македонскиот национален идентитет кај населението. При тоа, истакна дека од нејзините истражувања и сознанијата кои ги нуди книгата “Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски јасно се гледа поврзаноста на македонското население бидејќи традиционално се пренесувале песните од колено на колено, поради што и опстојале до денешни дни во оригинална форма.

Имајќи го предвид богатиот изворен материјал кој го поседува таа биле презентирани три аудиоматеријали од македонски песни, испеани од Македонци во Албанија и снимени во период од десетина години.

-Јас не сум ниту историчар, ниту писател туку лекар. Но, мојот интерес за историјата на мојот роден крај и родното село Ербеле беа причина да се зафатат со оваа благородна работа, да ги зачувам од заборав македонските фамилии од Дебарско Поле. Изразувам голема благодарност до сите кои помогнаа во оформувањето на овој обемен труд, во кој објавените податоци на 500 страници не се целосната слика за животот и активностите на Македонците во Дебарско Поле низ вековите, рекол Дуковски.

На крајот од промоцијата од страна на потомците на Македонците од Дебарско Поле кои живеат и работат во државава, на Дуковски му била доделена благодарница за вложениот труд и зачуваниот спомен на нивните предци. вт/са/

 

Остани поврзан