• вторник, 23 јули 2024

Во село Разловци одбележани 148 години од Разловечкото востание

Во село Разловци одбележани 148 години од Разловечкото востание

Делчево, 20 мај 2024 (МИА) - Во историското село Разловци во Делчево денес се одбележаа 148 години од Разловечкото востание. По тој повод во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров" и Општина Делчево се одржа пригоден настан со културно-уметничка програма. Одбележувањето започна со положување цвеќе пред Спомен плочата на Поп Стојан, еден од водачите на Разловечкото востание пред која се поклонија делегација од Општина Делчево со градоначалникот Горан Трајковски, претставници на локални институции, здруженија на граѓани и други.

Во својот говор пред присутните градоначалникот Трајковски, истакна  дека денешниот настан има за цел да им се оддаде почит на ликот и делото на храбрите разловечки востаници, кои од ова свето место пред точно 148 години храбро се дигнаа во борба за достоинствен живот во слободна македонска држава, востаници кои се симбол на непокорот и кои го започнаа бурниот предилинденски период во македонската историја. 

- Денеска стоиме овде гордо и достоинствено во овој преубав исконски амбиент кој од сите пори, неуморно ја пренесува приказната за едно време исполнето со желба за слобода, достоинствен живот и живот во сопствена слободна држава. Нивниот чин, нѐ обврзува и нѐ поттикнува денес да работиме и да ја градиме нашата држава, општина и славното Разловци. Нивниот пример е светол. Нивното дело ќе живее вечно, бидејќи е аманет за едно тешко и неизвесно време и е дело за борба за слобода, рече Трајковски.

Тој пред присутните се осврна и на реализацијата на, како што рече, клучни проекти кои значат подобар квалитет на животот на жителите на најодалеченото село во делчевската општина. 

-Пред  четири  години ја завршивме санацијата на кровот на спомен –домот кој го чува споменот на Разловечкото востание.
Изградивме нова улица во селото. Го изградивме  локалниот пат Делчево - с.Тработивиште во должина од 5,3 км кој претставува и соодветна алтернатива за с. Разловци. После 40 години го реконструиравме патот село Тработивиште –с.Разловци, а со тоа ја реконструиравме и главната улица во селото. Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село, а продолжуваме и понатаму, искрено и одговорно. Свесен сум дека има уште работа во селото, но, верувам дека со посветена работа и наредниот период ќе продолжиме да ги затвораме и другите отворени прашања и ќе одговараме на потребите на граѓаните, додаде Трајковски.

Разловечкото востание како што беше во пригодниот реферат покрај неговото брзо пропаѓање, е од особено значење за историјата на македонскиот народ. 

-Тоа е првото вооружено Востание во Предилинденскиот период, кое самостојно го организирала, материјално го издржувала и го извела македонската световна и духовна интелигенција, со масовно учество на селанството. 148 години од денот кога е донесена одлуката за Востанието, 19 мај 1876, ние ќе кажеме дека сме горди потомци на Поп Стојан, Димитар Поп-Ѓеоргиев –Беровски, на  Цоне Спасов, на  храбрите востаници кои сами се организираа, продаваа дел од своите имоти за да купуваат оружје и први се дигнаа против Османлиската Империја одбележувајќи го почетокот на бурниот Предилинденски период, истакнаа во својот говор учесниците во програмата по повод 148 години од Разловечкото востание.

Во рамки на настанот со фолклорна изведба се претставија членови на делчевските играорни групи и друштва ФГ „Н.Ј.Вапцаров", ЗФГ ,,Копачка", с.Драмче Делчево и КУД Гоце Делчев, Делчево. Свој рецитал имаа и ученици од подрачното училиште при ООУ ,,Св.Климент Охридски" Делчево. Настанот започна со планинарски марш од Светите Води до с.Разловци на кој учествуваа планинари од Делчево и регионот. вс/дма/


Фото: МИА

 

Остани поврзан