• сабота, 23 ноември 2024

Во САД уапсен поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон (ДПЛ)

Во САД уапсен поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон (ДПЛ)
Вашингтон, 20 август 2020 (МИА) - Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон денеска е уапсен поради наводна измама на донаторите за повеќе стотици илјади долари за изградба на ѕид на границата со Мексико. Покрај Бенон, приведени се уште три лица. Апсењето на Бенон го потврди Канцеларијата на федералниот обвинител во Њујорк, додека неговиот адвокат се уште не го коментира случајот. Според обвинителите, се работи за наводна измама во висина од 25 милиони долари, што Бенон и тројца соработници ги собрале од илјадници донатори „чии интерес бил изградба на ѕид на јужната граница на САД“. Кампањата насловена „Го градиме ѕидот“ била со цел реализација на изборното ветување на претседателот Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико. Освен Бенон, приведени се и Тимото Ши, кој од мај беше назнечен за вршител на должноста администратор во Агенцијата за борба против нарко-трговијата, воениот ветеран Брајан Колфеџ и Ендрју Бадолато. Обвинителство наведува дека иако донаторите биле сигурни дека 100 отсто од собраните средства ќе бидат употребени за изградба на ѕид, тоа не е сторено, а обвинетите профитирале од собраните пари. Според сознанијата Бенон добил повеќе од милион долари, од кои дел бил уплатен на сметка на неговата невладина организација, а дел е користен за негови лични потреби. - За да ги прикријат исплатите од кампањата, четворицата осомничени ги пренасочувале парите на непрофитна компанија на Колфеџ, основач и главно лице на кампањата „што тој ги употребил да финансира раскошен живот“, наведуваат обвинителите. Обвинителство се заблагодари на помошта што во истрагата ја дала инспекцијата на Поштенската служба на САД. Си-ен-ен јави дека првото сослушување на Бенон ќе се одвива виртуелно поради пандемијата со вирусот Ковид-19, а случајот ќе го процесира ФБИ. Првото сослушување ќе се однесува за негова евентуална одбрана од слобода односно дали ќе му биде одредена кауција, а се очекува тој да биде пуштен да се брани од слобода, бидејќи не се работи за насилен криминал. Некогашен главен политички стратег и советник во Белата куќа и во кампањата на Трамп во 2016 година, Бенон ја напушти администрацијата во 2017 година, откако одигра клучна улога околу последиците од насилниот марш на белите националисти во Шарлотсвил, Вирџинија, каде имаше еден загинат и повеќе повредени. Бенон ја напушти администрацијата пред две години, откако во книгата на новинарот Мајкл Волф „Оган и бес: Во Белата куќа на Трамп“, ги коментираше неговите и состаноците на синот на Трамп со Русите пред изборите. Трамп на ова реагираше со зборовите „Бенон го изгуби разумот“. кб/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан