• петок, 26 јули 2024

Во Прилеп отворена изложбата „Слободен влез“ 

Во Прилеп отворена изложбата „Слободен влез“ 
Прилеп, 19 март 2021 (МИА) - Изложбата „Слободен влез - Free entry‟ од уметничката Марија Трпеска е отворена денеска напладне во  ликовната галерија од прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“. Според Трпеска, станува збор за поставка што го пренесува континуираното присуство на едно лице на културни настани, неговата потреба, интересот за посетување ликовни изложби и неговото огромно визуелно искуство. - Истражувајки го присуството на луѓето на ликовни изложби во културните институции, во уметничките галерии и во музеите, забележав дека бројот на посетители е многу мал и дека нема голем интерес особено од младата публика. Состојбата на „празни‟ галерии ме наведе да забележам дека еден човек е постојано присутен и им дава важност и смисла на сите ликовни излагања. Одлучив да му заблагодарам така што го вклучив во мојот проект. Насликан е како стои пред вратите на седум галерии и музеи во Скопје.  Проектот ќе продолжи и ќе се развие поради нужноста за промена на современите уметнички практики во Македонија, ќе отвори можност за натамошни промислувања за општествените појави низ уметничкото и ќе се обиде да создаде ново гледиште за релацијата дело - гледач, или автор - критичар, вели уметничката Трпеска. Марија Трпеска дипломирала во 2017 гододина на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, насока ликовна педагогија, модул сликарство. Нејзиниот главен ликовен фокус е сликарството, но истражува и со фотографијата и со видео уметноста. Со оваа ликовна изложба Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја почнува програмата за оваа година. ем/цр  

Остани поврзан