Зголемен број бездомни кучиња во Куманово
- Проблемот со бездомните кучиња, сметаат стручните бара поширок, координиран пристап, вклучувајќи построги контроли, регионална соработка меѓу општините, едукација на населението.
Куманово, 26 март 2026 (МИА) - Кумановци сѐ почесто реагираат дека се вознемирени од бездомни кучиња кои во последниов месец-два ги има во сѐ поголем број. Во последниве три години, во Куманово, поднесени се 200 тужби за каснување од бездомно кучиња, информираа денеска од општина Куманово. Од нив 80 предмети се правосилни завршени, а 120 предмети се во постапка пред повисоки судови.

- За 2024 година исплатен е износ од 2.540. 956 денари, за 2025 година износ од 3.942. 896 денари-наведуваат од општината.
Општина Куманово распиша тендер, на кој е избран операторот ветеринарна станица „Тодор Велков“ Куманово, кој има сопствено прифатилиште во село Четирце.

Во текот на 2025 година во полицсиката станица од општа надлежност Куманово има пријавено вкупно 59 пријави од граѓани кои се каснати од куче скитник, за кои полицијата доставила известувања до Општина Куманово, за преземање на понатамошни мерки и надлежности. Во 2024 година имало пријави од вкупно 54 граѓани кои биле каснати од куче скитник.

Проблемот со бездомните кучиња во Куманово и пошироко во земјава останува едно од најкомплексните комунални и безбедносни прашања, со силни правни, институционални и општествени импликации. Градоначалникот на Максим Димитриевски посочува дека проблемот не е изолиран, туку системски и присутен на ниво на целата држава.

- Според важечкиот закон, општините имаат јасно дефинирана процедура: заловување, карантин, ветеринарна обработка и враќање на животните на местото каде што биле пронајдени. Овој пристап, познат како „залови-стерилизирај-врати“, е вообичаен во повеќе земји, но често предизвикува дебата за неговата ефикасност-вели Димитриевски.
Тој додава дека Куманово е меѓу ретките општини кои доследно ја спроведуваат оваа постапка. Според податоците од секторот за инспекциски надзор, само во текот на март биле заловени повеќе кучиња на различни локации низ градот кај болница, градинки, училишта и на фреквентни улици.
На 16 март се заловени четири кучиња кај болница, на 19 март три кучиња кај градинка и основно училиште „Кочо Рацин“, а на 21 март уште две кучиња на неколку локации во градот-рече Димитриевски, нагласувајќи дека овие бројки се однесуваат само на еден месец.
Сепак, и покрај континуираните акции, граѓаните и натаму сведочат за присуство на бездомни кучиња, што укажува дека мерките не даваат долгорочен резултат. Градоначалникот смета дека суштината на проблемот не лежи кај кучињата, туку кај луѓето.

Главниот проблем не се кучињата, туку сопствениците. Луѓето земаат миленици, а потоа не ги чипираат, не ги имунизираат и кога ќе изгубат интерес ги пуштаат на улица-додава Димитриевски.
Дополнителен предизвик за Куманово е неговата географска позиција, како центар на регион опкружен со повеќе рурални општини.
Се соочуваме со проблем затоа што сме центар на регион во кој гравитираат општини како Липково, Старо Нагоричане, Кратово и Свети Николе. Голем број, особено овчарски кучиња, доаѓаат во градот барајќи храна и грижа-објаснува Димитриевски.
Овие кучиња најчесто се задржуваат во паркови и зелени површини, но и околу контејнери со отпад, што дополнително ја усложнува состојбата. Во обид да се справи со проблемот, општината инвестира во соработка со ветеринарниот центар, кој располага со капацитет за згрижување на околу 80 кучиња истовремено.
- Се обидуваме да најдеме и граѓани кои би биле згрижувачи на кучињата додека се третираат, но интересот е многу мал-посочува градоначалникот.
Проблемот со бездомните кучиња бара поширок, координиран пристап, сметаат стручните вклучувајќи построги контроли, регионална соработка меѓу општините, едукација на населението. ам/ев/
ФОТО: МИА/Општина Куманово и социјални мрежи