• понеделник, 02 февруари 2026

Во Прилепско нема опасност од поплавени канали, 70 проценти од мрежата е исчистена

Во Прилепско нема опасност од поплавени канали, 70 проценти од мрежата е исчистена

Прилеп, 2 февруари 2026 (МИА) - Во Прилепскиот регион нема опасност од излевање на каналите. Иако за четири месеци наврнаа преку 300 литри вода на квадратен метар колку за цела година, каналите не се опасност, уверуваат од подружницата „Прилепско поле“ на ЈП Водостопанство на Македонија.

Веќе 70 проценти од најголемите канали се исчистени  од целата каналска мрежа од 167 километри.

-Моменталната ситуација е добра, поволна. Имаме исчистено околу 70 проценти од каналската мрежа, од главните реки. Исчистени се реката Блато, Крушевска Река, Сенокошка, Волковска, Подмолска  Река. Останува уште помал дел да го завршиме со чистењето во текот на овој месец. Моментално нема опасности, иако годината беше многу врнежлива. Така, за 4 месеци наврнаа колку за цела година, вели Зоран Тодороски, директор на „Прилепско поле“.

Претпријатието има доволно механизација за ги одржува чисти каналите иако останува апелот до жителите да не фрлаат отпад и да ги затнуваат што може да доведе до големи последици.

- Добра е ситуацијата иако во некој дел може да се подобри. Ги замолувам жителите да не фрлаат отпад за да немаме поплави. Во наредниов период ќе ги чистиме останатите делови од мрежата. Ќе чистиме кај селото Славеј, потоа Заполшиот, Плетварскиот зафат се на ред и каде што се влеваат водите во Прилепското Езеро кое моментално 60 проценти е полно со вода, објаснува Тодороски.

Од крајот на март ќе почне склучувањето договори за наводнување и одводнување на површините во Прилепско.ем/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан