• петок, 05 декември 2025

Во прилепскиот театар се подготвуваат претставите „Црнила“ и „Ловец во р'жта“

Во прилепскиот театар се подготвуваат претставите „Црнила“ и „Ловец во р'жта“

Прилеп, 29 октомври 2025 (МИА) - Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките на две нови претстави. Ансамблот интензивно работи на подготовките на претставата „Црнила“ од Коле Чашуиве во режија на Дејан Пројковски.

- Претставата „Црнила“ ќе го истражува моралниот пад на човекот, братоубиствотои предавството вомакедонската револуционерна борба. Централниот настан е убиството на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од неговите соработници во 1921 година во Софија. Претставата ќе се занимава со трагедијата на македонското самоуништување и мрачните страници од националната историја, со ликови кои се морални престапници и кои работат против својот народ, вели режисерот Пројковски.

Во претставата играат Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиески, Илија Волчески, Александар Тодески, Бобан Алексоски, Кетрина Чакмакоска-Клинческа, Сара Спиркоска и Михајло Миленкоски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Папулеска, а музиката е на Горан Трајковски. Премиерата на „Црнила“ се најавува кон средината на ноември.

Паралелно, во прилепскиот театар во тек се подготовките за уште една премиера. Тоа е претставата „Ловец во р'жта“, според романот на Д.Џ. Селинџер, а во режија на Мартин Кочовски.

-„Ловец во р'жта“ ќе претставува една кратка историја на подемот и падот на индивидуата, од средината на минатиот век до денес, сосубјективна визија за судбината на индивидуата во блиска иднина. На површина се и болестите на современото општество: изолираноста на индивидуата, оттуѓувањето по секоја основа, класната поделба, вели режисерот Кочовски.

Драматизацијата е на  Лидија М. Ѓорѓиовска, за сценографијата е задолжен Филип Јованоски, за костимите Јулијана Војкова, а за музиката Пеце Трајковски - Брада. Во претставата играат: Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачанска, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска Илиеска, Катерина Чакмакоска Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски и гостите Здравко Стојмиров и Теона Крстеска.

 Премиерата на „Ловец во р'жта“ е планирана за декември. ем/дма/

Фото: Народен театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан