• петок, 22 ноември 2024

Во претседателскиот кабинет изложени најуспешните дела од Светската галерија на карикатури

Во претседателскиот кабинет изложени најуспешните дела од Светската галерија на карикатури

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска во својот Кабинет ги прими меѓународните учесници на 54. Светска галерија на карикатури - Скопје 2022 и на Остен биеналето на цртеж Скопје 2022. Во Кабинетот на претседателот од денеска се изложени 54 првонаградени дела на Светската галерија на карикатурата, со што се одбележува и пет и пол децениското постоење на оваа манифестација.

Уметникот и карикатурист Мати Грунберг во обраќање на приемот кај претседателот рече дека еден од неговите бронзени експонати се наоѓаат во Кабинетот на  претседателот, за кој се надева оти ќе стане симбол на мостот меѓу Израел и нашата држава.

-Ние уметниците денес сме малцинство во време кога има војна и кога имаме политички нестабилности и несигурности. Јас сум Израелец, но роден сум во Скопје на 4 март 1943 година, што е важен датум бидејќи на 11 март 1943 година Евреите беа однесени во Треблинка, но моите родители преживееја. Ја преживеавме војната и емигриравме во Израел каде создадовме нов живот. Следниот месец ќе полнам 80 години и мило ми е што се враќам во Скопје и се среќавам со претседателот, кој е многу посебен човек затоа што внимава на уметноста. Еден од моите бронзени експонати се наоѓаат во вашиот кабинет. Голема чест ми е што е таму и се надевам дека тој ќе биде симбол на мостот меѓу Израел и Македонија, рече Грунберг.

Според ументикот карикатурист Драган Поповски, карикатурата во нашата држава има голема традиција.

-Првата карикатура во Југославија, во време кога оваа уметност беше невообичаена во ваков систем на управување, беше токму на претседателот Киро Глигоров. Карикатурата се развиваше интензивно со појавата на весникот „Остен“, тоа беше генерација која ја направи карикатурата популарна. После земјотресот во Скопје се случија многу работи. За еден град да живее требаше да се роди културата, луѓето да бидат она што биле претходно. Па така, се формираа Денови на солидарности и Скопје во тие години стана градот на светските случувања - музичари и уметници доаѓаа во Скопје, не посетуваа. Тоа беше гордост кај сите нас, како рамнотежа на онаа тага која ја имавме ради земјотресот. Ова донесе нова енергија во градот и се дојде до идејата да се воведе Светска галерија на карикатура, додаде Поповски.

Уметникот Владимир Боројевиќ, пак,  ја истакна важноста на Светска галерија на карикатури и порача дека е потребно да останеме здружени сите заедно за да се одржи оваа значајна манифестација.

Годинашната изложба на дела од 54. Светска галерија на карикатури на Остен и на Остен биеналето на цртеж Скопје 2022 беше отворена синоќа во Чифте амам при Националната галерија. Изложбата беше збогатена со доделување награди и признанија за најуспешните уметници.

На изложбата на 54. Светска галерија на карикатури - Скопје 2022 се поставени дела на наградените и селектираните карикатуристи, додека на Остен биеналето, на кое учествувале 336 уметници од 52 земји со 1056 дела, изложени се дела на наградени и селектирани уметници.бт/лв/

фото - Срѓан Крстиќ

Остани поврзан