• недела, 22 декември 2024

Во португалскиот предлог се вклучени очекувањата на двете страни, вели Заев

Во португалскиот предлог се вклучени очекувањата на двете страни, вели Заев
Скопје, 24 мај 2021 (МИА) - Португалското претседателство со Европската Унија и  министерот за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во понудениот предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Тој одговори на новинарско прашање во однос на содржината на португалскиот предлог за решавање на спорот, кој во петокот во Скопје го презентираа шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. -Португалското претседателство и министерот Аугусто Силва воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Кај нас рековме дека тоа е добра база и добра појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за предлогот, ќе продолжиме со состаноци, истакна премиерот. Нагласи дека се земени предвид и бугарските позиции, но повтори дека македонски јазик и македонскиот идентитет се строго заштитени. -Ја има опфатено и бугарската страна и согласно нивните резолуции може понатаму да се разговара, заради тоа што во неколку наврати реков дека очекуваме час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Имаме документ и јас сум изненаден што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение, Затоа рековме дека секој пат е можно да се изнајде решение ако има добра волја од двете страни, истакна Заев. бк/ац/

 

Остани поврзан