• вторник, 24 декември 2024

Во повеќето градови во Србија откажани се новогодишните прослави  на плоштадите поради трагедијата во Нови Сад

Во повеќето градови во Србија откажани се новогодишните прослави  на плоштадите поради трагедијата во Нови Сад

Белград, 24 декември 2024 (МИА) - Голем број градови и општини во Србија оваа година решија да ги откажат новогодишните прослави на јавните плоштади како знак на почит кон жртвите од трагичниот настан во Нови Сад, кој се случи на 1 ноември. Тогаш, по уривање на покрив на железничката станица, животот го загубија 15 лица, а две беа тешко повредени, пишува Н1.

Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, изјави дека одлуката за откажување на дочекот на Новата година и Стара Нова година е донесена од пиетет кон жртвите и солидарност со нивните семејства.

- Трагедијата длабоко го потресе Нови Сад и целата Србија. Во вакви моменти, неопходно е да бидеме со оние кои се погодени од несреќата. Одлуката ја донесовме со почит кон жртвите, сочувствувајќи со нивните семејства, изјави Ѓуриќ.

Одлуката на Нови Сад ја следеа и други градови во Србија. Суботица ги откажа планираните прослави, а градските власти најавија дека средствата за прославата ќе се пренаменат за финансиска поддршка на талентирани млади луѓе од градот.

Сомбор, исто така, се откажа од традиционалниот дочек, а предвидените средства се насочени кон помош за семејства со деца кои страдаат од ретки болести. Слична одлука донесе и Зрењанин, каде средствата се пренаменети за иницијативи поврзани со спорт и локален развој.

Во Кикинда и Темерин, новогодишните концерти се откажани, а средствата ќе бидат искористени за социјални програми, енергетски субвенции и помош за ранливите категории граѓани.

Сепак, не сите градови ги откажаа прославите. Белград, на пример, ќе организира голем концерт на Плоштадот на Републиката, со настапи на Харис Џиновиќ, Жељко Васиќ и Марина Висковиќ. Дополнително, ќе има и втор дочек во делот познат како „Белград на вода“, каде што ќе настапат Марија Шерифовиќ, Јелена Томашевиќ и Тијана Богиќевиќ.

Во Ниш, планиран е концерт на Трг Крал Милан со настапи на Никола Роквиќ и групата „Неверне бебе“. Но, општината Медијана, единствената опозициска општина во Србија, го откажа дочекот на Стара Нова година како знак на почит кон жртвите.

Во други градови, како Чачак и Крагуевац, продолжуваат подготовките за концерти. Во Чачак ќе настапуваат Тијана Дапчевиќ и Амадеус бенд, додека кога е во прашање Крагуевац, групата „Ван Гог“ демантираше дека ќе настапува, а настапот на Јелена Карлеуша останува дел од програмата. ссм/

фото: пиксабеј

 

Остани поврзан