Во Пехчево Државно првенство во пинг-понг за основни и средни училишта
- Во Пехчево денес се одржува Државното првенство во пинг-понг за основни и средни училишта, на кое учествуваа околу 80 ученици од повеќе градови во Македонија. Настанот е организиран во соработка со Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Пинг-понгарската федерација и локалните спортски организации, со поддршка на Општина Пехчево.
Пехчево, 21 ноември 2025 (МИА) - Во Пехчево денес се одржува Државното првенство во пинг-понг за основни и средни училишта, на кое учествуваа околу 80 ученици од повеќе градови во Македонија. Настанот е организиран во соработка со Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Пинг-понгарската федерација и локалните спортски организации, со поддршка на Општина Пехчево.
Малешевскиот регион, како што истакна претседателката на Федерацијата на училишен спорт Елена Мијалкова, важи за средина во која пинг-понгот е традиционално развиен спорт, а бројни ученици од овој крај се носители на медали од државни натпревари.

-Малешевскиот регион е доста активен во спортот, особено во пинг-понгот, од каде имаме млади натпреварувачи носители на значајни резултати. Затоа ми е чест што денес овој настан се одржува во Пехчево, особено по пауза во последните години, изјави Мијалкова, изразувајќи благодарност до ППК „Зегин“, Општинскиот сојуз и градоначалникот Александар Китански.
На отворањето присутните ги поздравија претставници од Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Пинг-понгарската федерација и локалните спортски организации.

Во своето обраќање, градоначалникот Александар Китански истакнаа дека пинг-понгот е спорт кој гради вредности како брзина, дисциплина, стратегија и ментална подготвеност – квалитети кои не ги создаваат само врвните спортисти, туку и зрели, одговорни млади луѓе.
-Голема благодарност до наставниците, тренерите, спортските работници и родителите кои ги поддржуваат младите таленти и придонесуваат за развој на спортот во државата, истакна Китански.
Настанот продолжува со натпревари по категории, а најуспешните ученици ќе го претставуваат својот регион на повисоки спортски нивоа. вс/вј/
Фото: МИА