• четврток, 18 јули 2024

Во општините Дебар и Центар Жупа загарантирана минимална помош лани остварувале 750 корисници

Во општините Дебар и Центар Жупа загарантирана минимална помош лани остварувале 750 корисници

Дебар, 20 февруари 2024 (МИА) – Во меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар, кој со својата активност ги покрива оваа и соседната општина Центар Жупа, потврдуваат дека во текот на изминатата година забележано е благо намалување на бројот на корисници на правото на загарантирана минимална помош.

- Минатата година ова право го остваруваа 750 корисници со 2.500 членови на нивните семејства, поголемиот процент од општина Дебар, што е и разбирливо, поради поголемиот број жители. Споредено со претходната, кога истата ја остваруваа 763 корисници, тоа е за 13 корисници помалку, додека споредено со 2021 година тој број е помал за 50 корисници. Пред десеттина години, ова право го остваруваа над 1400 корисници со над 4 илјади членови на семејства, изјави за МИА, Крешник Пачуку, директорот на центарот.

Оценува дека многу големо влијание врз ова има миграцијата на населението од двете општини бидејќи младата популација главно продолжи да мигрира и во земјите на Европската унија и во САД, а секако и владините проекти за самовработување.

Според директорот Пачуку, во текот на минатата година исплатена е еднократна парична помош, во различен износ, на лица и семејства, кои, поради одредени причини, не остваруваат право на загарантирана минимална помош, но се нашле во неопходна потреба од помош.

Исто така над 500 лица, категоризирани во две групи, остварувале право на помош и нега од друго лице. вт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан